Од 5000 до 80 000 евра се казните за непочитување на новиот Закон за спречување перење пари: СКЗМ бара одложување на примената – ММС
ММС

Објавено на: 07/18/18 1:38 PM

Од 5000 до 80 000 евра се казните за непочитување на новиот Закон за спречување перење пари: СКЗМ бара одложување на примената

Измените на Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам се рестриктивни и ќе влијаат на деловното работење на бизнис секторите. Ова е ставот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, која бара да се одложи примената на овој закон.

Измените кои беа донесени на почетокот на овој месец, забрануваат производите и услугите кои чинаат повеќе од 2000 евра да се плаќаат со готовина, а претходно прагот изнесуваше 15 000 евра.

Извршниот директор на Стопанската комора на северозападна Македонија, Дриљон Исени вели дека според нивните анализи, Македонија не се послужила со практиката на ЕУ, бидејќи таму максималниот износ на плаќање со готовина ја достигнува вредноста од 10 000 евра:

„Ова драстично намалување од 15.000 на 2.000 евра ќе го отежнат правењето на бизнис во земјата. Овој наод е земен од основ на анкетата реализирана од Канцеларијата за Истражување и Анализа во СКСЗМ, кадешто од резултатите, 86,7% од членките сметаат дека оваа промена на законот ќе биде штетен во областа на правењето бизнис. Додека се бориме за минимизирање на неформалната економија можеме да допринесеме до нејзино уништување, нешто што не е добро, што не е во интерес на земјата бидејќи значајно е неформалното да се направи формално и да се натпреваруваат на пазарот со сите други учесници и секако да ги плаќаат даноците, а не да се уништуваат“.

„Потешкотиите во примената на овој закон ќе бидат присутни и во делот на формализацијата на постапките за подготвување на проценките на опасностите што произлегуваат од перењето пари и финансирањето на тероризмот, мерките за анализа на клиентите и идентификација.Според бизнисмените, проблематично е тоа што законот не ги опфаќа приредувачите на игрите на среќа, иако, потенцираат тие, тоа претставува потенцијална опасност за перење пари“, додаде тој.

Денеска на прес конференција, Исени предупреди дека новите законски измени кои беа донесени на предлог на Министерството за финансии би можеле да ги загрозат малите и средни претпријатија, бидејќи глобите за непочитување се движат од 5 000 до 80 000 евра.