Со поголема транспаретност ќе се бориме против лажните вести, вели Забрчанец – ММС
ММС

Објавено на: 01/14/21 8:57 PM

Со поголема транспаретност ќе се бориме против лажните вести, вели Забрчанец

Националниот координатор за стратегиски комуникации, Марјан Забрчанец вели дека власта со поголема транспаретност ќе се бори против лажните вести и дека сака да ги искористи сите капацитети на институциите и да ги поттикне сите чинители во општеството – граѓаните, медиумите и образовните институции во борбата против дезинформации.

-Притоа без да имаме претензија да се наметнуваме и да кажуваме кој, како и што треба да прави. Затоа планот е нацрт, светот уште трага по решение како да се справи со ова, уште нема начин. Нашите амбиции за борба против дезинформациите и натаму стојат, некој се обиде да манипулира дека ние ќе имаме наводно некаква комисија која ќе одлучува што е лажна вест, а што не е. Тоа е најевтино и најпропагандно пакување во однос на Акцискиот план. Не, не сме ние за тоа, нема да одлучуваме која веста е лага која не, но сериозно ќе излеземе и ќе потенцираме ако некој лаже, како примерот со тоа дека немаме тестови за корона во јавното здравство, рече Забрчанец вечерва во емисијата „Вин вин” на телевизија Телма.

Според него, здраво е, корисно и суштински Владата да внимава до каде оди во борбата против дезинформациите.

-Ве охрабрувам тоа да го правите и кон оваа, и кон секоја следна влада, до каде може да чепка во информарањето. Дали Акциоскиот план за борба против лажните вести е проект, или обид, не е важно, важно е дека имаме сериозна намера да се занимаваме со сферата на дезинформации. Денес, во 2021 година повторно велиме дека ова е приоритет, оти гледаме до каде дезинформациите можат да одат и да наштетат, истакна Забрчанец.

Во однос на телефонскиот разговор на премиерот Зоран Заев со лажна Грета Тунберг, тој рече дека тоа било хибриден сложен напад спроведен врз Владата и дека навремено било откриено дека станува збор за хибриден напад.

-Откривме дека во овој  случај станува збор за пренкерите кои извршија хибриден напад. Тој телефонски разговор се појави три дена пред изборите, рече Забрчанец.