Секој лекар одлучува дали мантилот ќе биде бел или валкан: Д-р Горан Трајковски е првиот Македонец кој во Германија се вакцинираше против корона – ММС
ММС

Објавено на: 01/14/21 6:33 PM

Секој лекар одлучува дали мантилот ќе биде бел или валкан: Д-р Горан Трајковски е првиот Македонец кој во Германија се вакцинираше против корона

Д-р Горан Трајковски,  кој потекнува од Скопје, живее во Нирнберг а работи во Рот, Германија е првиот Македонец, кој се вакцинираше против корона. Тој е специјализант по интерна медицина, а на јавноста и’ е попознат по честите објави на социјалните мрежи преку кои промовира здрав начин на живот, а ги споделува и своите гледишта за пандемијата со коронавирусот. Повод за разговор е неговата последна објава  дека се вакцинирал со вакцината на ФајзерБионтек, додека кај нас се’ уште јавноста е поделена околу тоа дали треба да им веруваме на вакцините или не. Во интервјуто за Македонски медиа сервис меѓу другото зборува и за скептицизмот на дел од јавноста кон вирусот, за зајакнувањето на имунитетот, но и за третманот на лекарската фела во земјава и надвор од неа.

Докторе како се чувствувате откако ја примивте првата доза од вакцината? Дали очекувате некакви нус-ефекти и кога треба да ја примите втората доза?

-Втората доза се добива 21 ден по првата, значи на 02.02.2021 во мојот случај. На самото вакцинирање добивме потсетник (мала картичка) за тоа.Се чувствувам исто како и претходно, ниту полошо, но за жал ниту подобро. Имам мали болки на местото на убод, на рамото, што е сосема очекувана и честа реакција.

Зошто се одлучивте за вакцинација? Кои аргументи си ги кажавте сам на себе за да падне ваква одлука?

-Изборот е јасен и во случајов едноставен бидејќи и немав многу избор. Припаѓам на ризична професија, морав да изберам: или ќе се соочам со вакцната или кога тогаш со болеста ковид -19, а во тој случај можеби ќе ја загрозам и фамилијата. Работејќи на интензивна нега оваа година сфатив дека не би сакал да се соочам со болеста. Па затоа решив, како и за многу други болести досега, да се вакцинирам.

Со оглед на тоа дека имаме луѓе кои не веруваат во опасностите од вирусот, но и се против вакцините, дали добивте негативни коментари поради Вашата одлука и како воопшто гледате на скептицизмот на тие граѓани?

-Коментарите никогаш нема да бидат само позитивни, тоа би било смешно да се очекува. Добив очекувани реакции, но дел од луѓето ја сфатија мојата објава како закана дека ги терам и нив да се вакцнираат. Она што ме изненади не беше некултурниот начин на комуникација, туку степенот на неинформираност или дезинформираност кај дел од луѓето. Скептицизмот е во умерени дози здрава работа, но кога ќе премине во религија може да биде опасен.

Имајќи предвид дека сте интернист, практично сте на првата борбена линија против ковид-19. Колку оваа пандемија ви го промени работното секојдневие, кои се најголемите предизвици со кои се соочивте и што значи ова искуство особено за еден млад лекар како што сте Вие?

-Работното секојдневие е толку променето што веќе не се сеќавам како беше пред ковид-19 . Интересно е како брзо се навикнуваме на новите услови. Инаку медицината како професија сама по себе е голем предизвик, така што короната беше само поразлична верзија на тоа. Најтешки се секогаш одлуките кој да добие максимална терапија, а кој не, односно тријажата. Тоа е тежок товар да се носи со себе. Искуството на интензивна нега за време на корона пандемијата го ценам многу. Иако е психофизички тешко, носи и големи лекции со себе.

Според Вас, кои групи граѓани би требало прво да се вакцинираат покрај медицинските работници? Дали вакцината би можела да донесе повеќе компликации отколку корист кај некои граѓани со хронични болести?

-Секако на почеток ќе има вакцини само за високо/ризичните групи: сите здравствени работници, луѓе над 80 години, луѓе кои работат/живеат во старечки домови или слични установи. Потоа во вториот бран, луѓе над 70 години, луѓе со голема веројатност за тежок тек на инфекција како што се имуносупримирани и трансплантирани. Тука може да се опфати и полицијата и оние кои работат јавни функции, а се во контакт со многу луѓе. Потоа, останатите ризични пациенти, односно луѓе над 60 години, обезни луѓе, луѓе со хронични срцеви, белодробни, бубрежни болести и така натаму.

Колку го следите справувањето со пандемијата во Македонија? Дали сметате дека постои некакво искуство, некоја пракса од германското здравство која би требало да се преземе во македонското?

-Го следам колку што ми дозволува времето, најмногу информации добивам преку инстаграм. Праксата што треба да се преземе е дисциплината која ја има германскиот народ во однос на задржување на немедицинските мерки за заштита односно хигиена, дистанца, носење маска. Тоа е единственото кое народот може да го превземе во свои раце.

Со своите објави на социјалните мрежи често алудирате на важноста од физичка активност. Колку тоа влијае врз целокупното здравје на еден човек и дали физичката активност игра некаква улога во зајакнувањето на имунитетот, кој пак е клучен за справувањето со коронавирусот?

-Секој човек има физичка, психичка, духовна и социјална компонента. Секоја од нив е важна за добро здравје и имунитет. Да не ја заборавиме и исхраната: макро и микронутритиентите. Физичката активност може да биде лек за голем дел од цивилизациските болести како што е дебелина, висок притисок, дијабетес и слично.

Зошто се преселите во Германија,  што Ве натера да се преселите и дали таму „белиот мантил” има поинаква репутација отколку во Македонија?

-Повеќе фактори влијаеја на одлуката, меѓу кои и тоа што мојата свршеница е родена во Германија. Одлучувачки момент беше нечесниот избор на конкурсот за вработување во брзата помош во Скопје кога завршив студии. Тоа разбуди револт во мене и  ми ја сруши довербата во државниот систем. Сега откако поминаа  повеќе од пет години сум среќен што вака излегоа работите. Работам во интернистичка болница во градот Рот, а живеам во Нирнберг. Секој лекар си ја гради својата репутација и одлучува дали мантилот ќе биде бел или згужван и валкан. Генерално има голема почит кон нашата професија овде.

 

Вања Мицевска