Жарир Симрин е човекот чија животна приказна го поттикнала да стане еден од штитовите во првите борбени линии за заштита на правата на лицата кои употребуваат дроги. Жарир, во моментов е дел од Здружението ХОПС- Опции за здрав живот – Скопје, чија цел е подеднакво почитување на човековите права и слободи, и тие да уживаат социјална, здравствена и економска благосостојба. Жарир Симрин, е специфично име и презиме за овие простори, но зад тоа стои љубовната приказна на мајка му, Романка од Букурешт и татко му, Арап од Јордан.
Нашата ММС приказна ја започнеме со увертира за Жарир, кој од својата 13та година го има првиот контакт со хероин, а повеќе од 15 години е на метадонска терапија. ХОПС е местото каде Жарир се среќава со луѓе кои се наоѓаат во слична, иста или потешка форма на зависност, најчесто предизвикана од злоупотреба на опијати, и на кои им подава рака како да се носат со таа зависност.
„Јас многу наивно се најдов во приказнава со дроги, посебно ’92 година кога почнав како 13 годишно дете. Слушав рок музика, читав книги, цртав, и во главно мислев дека сите дроги се исти. Дрога е дрога. Имав слушнато за марихуана, хероин и кокаин и тоа од филмови и мислев дека е поврзано со ослободување, спојување со космосот, отворање, поттикнување на креативноста. Така и е кога си 13 годишно дете, и кога за прв пат ќе земеш хероин. Јас кога за прв пат земав хорс, не бев ни свесен дека тоа е хероин“, раскажа Жарир за ММС.
Жарир вели дека полека се навлекуваш, не си зависен од првиот ден туку кога ќе поминат повеќе години. На почетокот, додава тој, се чувствувал возрасен, стабилен, но потоа сфатил дека, како што на почетокот ти отвара можности така отпосле ти ги зема можностите и силата.
„Ти всушност кога земаш хероин, очекуваш да ти биде убаво, ама секој ден убаво не е убаво. Потоа бараш нешто повеќе, но не може, од хероинот толку, па сваќаш дека си станал зависен, и го земаш само за да не ти биде тешко, да не се чувствуваш лошо. Како да си болен од грип, грип на 100 –ти степен“, вели Жарир.
Станал дел од ХОПС бидејки нивната цел, како што вели тој, е “немој да користиш дроги, но ако веќе си земал, намали ги последиците“, што во неговите почетоци на конзумација ги немало.
„Моето мислење е дека, на некој начин забраната прави поголема штета одколку самата дрога, како и третирањето на сите дроги подеднакво, неправејќи никаква разлика помеѓу растенија и хемија. Кога користиш дрога сите те третираат како наркоман, најлошо што може, најдолно што може. Јас среќа имав што никогаш не ја изгубив подршката и довербата од родителите, и не требаше дополнително да бидам осудуван и да се кријам и да бегам и од нив. Јас бев зависник од херион, и по 10 години користење, одлучив дека треба да најдам некое решение, бидејќи како лице кое користи дроги, се соочуваш со најразлични проблеми, како малтретирање од страна на полиција, контакт со сомнителни типови, влечење по судови, иако никогаш немам направено криминално дејствие, освен моето користење на дроги … а сакаш да го одбегнеш сето тоа и викаш – сакам да одам на лечење“, раскажува Жарир.
Околу лечењето тој вели дека во принцип и не е лечење, туку е одржување од моментот кога те префрлаат на метадон. Вели не е полесно, дури е и потешко од хероинот. Кризите на хероин се седум дена, а на метадон се повеќе од 30 дена.
„Во 2000-та се пријавив на лечење со метадонски третман, кое беше и единствен третман. Значи само од хероин ме префрлија на друга супстанца, на одржување со метадон. Сфаќаш дека сега си зависен и од институцијата, докторите и сите тие системски правила кои ти ги наметнуваат. Пример, за одмор имаш право да земеш еднаш за две недели во годината, само во три месеци (од Јуни до Септември) можеш да го искористиш тоа право. Сметам дека тоа се некои системски решенија за контрола на човекот. Дрогата не не прави криминалци, туку луѓето се криминалци. Дрогата може само да ги истакне особините кај човекот, квалитетите или маните, добрата или лошата страна, вели Жарир.
Но, кога се запишуваат на метадонски третман, додава тој, ставени се на супстанца која е многу појака од хероинот, целосна синтетика и одат еднаш недело да земаат терапија. Така луѓето се затвораат, не излегуваат од дома, вели, поради слабата психосоцијална подршка која ја добиваат, а и ретко кој работи од корисниците, поради осудата од општеството.
„Ако сакаш на човек да му помогнеш да биде функционален, треба да биде прифатен, да работи и да се чувстува корисен. Јас работам во ХОПС од 2000 -та година и секојдневно сум во контакт со луѓе кои користат дроги. Порано скоро и да немавме бездомници, додека сега голем број се бездомници, и луѓе кои немаат основни услови за живот. Самото собирање пари за да купиш хероин, трчање, организирање, бегање од полиција ти создава адреналински „раш“ и ти стануваш зависен од сето тоа. Тогаш се соочуваш со само еден проблем, со бркањето на дрогата. Кога ќе ја оставиш дрогата и ќе влезеш на другата страна, гледаш дека животот е полн со проблемчиња, па најчесто луѓето се враќаат бидејќи така имаат еден фокус, и ги плашат овие илјадници проблеми, не се подготвени, е тука фали подршката од општеството и институциите“, раскажува Жарир.
Жарир објасни дека во ХОПС, како центар за намалување на штети од употреба на дроги покрај работата со лицата кои користат дроги и нивните семејства, неговите колеги работат и со малолетни деца кои се под ризик.
„Во главно поголем дел од клиентите кои ги контактираме, користат и се инјектираат со метадон кој е за орална употреба. Во тој случај штетата е многу поголема и од хероинот. Присутниоста на дрогата е застапена во сите возрасни групи, па така мапиравме и сега работиме и со малолетни деца, кои употребуваат дроги, од дување лепак па до метадон. Во главно, потекнуваат од бездомни фамилии“, вели Жарир.
Во однос на легализацијата и дискриминацијата на канабисот од останатите психоактивни супстанци, Жарир објасни дека тоа би било во најдобар интерес за целото општетсво.
„Смешно е што ние сеуште дискутираме дали треба да го има или не канабисот. Дозволени ни се цигари да пушиме, кој се штетни по нашето здравје, додека канабисот е забранет, а се покажа како многу корисна билка, при третирање на многу болести. Спасот на земјава јас го гледам во канабисот, ако се тргне од законската рамка и се третира како растение. Не зборувам за канабисот само за конзумација, зборувам за правење на хартија, пластика, облека, био-гориво, лекови, прочистување на почвата итн. Кај нас законот не е толку лош, колку што е лоша праксaта“, вели Жарир.
Поентата на неговата работа е и покрај употребата на дроги да се задржи здравјето, додека не одлучиш да прекинеш со нивно користење. Користењето на дроги особено опијатните, вели, се хронична работа, и потребно е време и работа на себе. Смета дека лоши се предрасудите на луѓето кон корисниците на дрога и дека општеството прави тие да се чувствуваат отфрлени. Тој толку не го почувствувал на своја кожа, но раскажува примери од други лица кои употребуваат дроги.
„Па дури и одењето на лекар и кога ќе видиш дека односот на лекарот се променил од моментот кога ќе кажеш дека си на метадонски третман, не ја добиваш потребната услуга. Каде и да одиш кога ќе кажеш дека си корисник, ти се затвараат вратите“, раскажува Жарир.
Сега веќе научил да ги менаџира работите. Познава и луѓе со кои заедно почнале да консумираат дрога, а сега тие се стабилни луѓе.
“Се додека ја користиш дрогата како потребна алатка, за надминување на одредена состојба и не е проблем. Кога ќе почнеш да ја злоупотребуваш, тогаш станува проблем“, вели Жарир.
Габриела Додевска