Нереални се очекувањата дека Софија ќе попушти за членството на Македонија во ЕУ – ММС
ММС

Објавено на: 01/13/21 5:34 PM

Нереални се очекувањата дека Софија ќе попушти за членството на Македонија во ЕУ

Људмил Илиев

Lyudmil Iliev 200x250Во Скопје се надеваат дека претстојните парламентари избори во Бугарија се една од причините поради кои владата на Бојко Борисов не попушта во врска со членството на Македонија во ЕУ. Сепак, какви и да се резултатите од изборите, не постои сценарио во кое Софија ќе ја омекне својата позиција за македонските евроинтеграции.

Во Бугарија јавноста ретко обрнува внимание на националната надворешна политика. Вниманието на најмногу го привлекуваат честите скандали во власта и препирките меѓу политичките партии и честото граѓанско незадоволство. Пример за тоа се протестите пред кабинетот на Бојко Борисов, кои се одржуваа речиси 6 месеци во 2020 година. Илјадници Бугари редовно излегуваа на улиците и бараа оставка на премиерот Борисов и на главниот јавен обвинител Иван Гешев зашто сметаа дека обајцата работат за интересите на бизнис-олигарсите во земјата. Среде овие настани бугарската дипломатија тешко можеше да привлечен особен интерес кај обичните граѓани.

Сржта на проблемот

Затоа јавното разбранување што го предизвика кризата меѓу Бугарија и Македонија во последните месеци на 2020 година беше навистина големо изненадување. Медиумите на оваа тема одделуваат постојано и значително внимание. Интернетот е буквално преплавен од анализи и коментари во врска со ова прашање. Во определен период спорот помеѓу двете земји привлекуваше повеќе интерес дури и од пандемијата со КОВИД-19.

Ова го отвора прашањето: зошто бугарската јавност толку многу се разбранува во врска со односите помеѓу Софија и Скопје токму сега? Зошто истата возбуда недостасуваше пред 2017 година кога беше склучен Договорот за добрососедство – еден мошне важен момент за двете држави? Зошто пред три години премиерите Бојко Борисов и Зоран Заев пред своите граѓани изјавија дека меѓу нивните земји се случува нешто добро кое ќе помогне старите расправии да останат во минатото. А, сега одненадеж се дојде до тоа дека проблемите не се решени, дека загриженоста не е смирена, а иднината на билатералните односи останува исто толку нејасна и непредвидлива, каква што беше и пред потпишувањето на Договорот.

И одненадеж се појавија многу прашања за Македонија кои бугарското општество требаше да ги одговори. Какви луѓе се Македонците – самостојна нација или етнички Бугари кои го имаат изгубено својот идентитет? Каков јазик е македонскиот – национален или дијалект на бугарскиот? Какво е минатото и каква е иднината на Македонија и како тие се вклопуваат во минатото и во иднината на Бугарија? Каква е улогата на Југославија, на Србија, на Советскиот Сојуз и на комунизмот во односите помеѓу нашите две земји?

Граѓаните беа поделени во ставовите. Полиберално настроените (поддржувачите на десницата и на центарот, проевропските политички сили како „Демократска Бугарија и ДПС) ги повикаа останатите: да им го оставиме минатото на историчарите, важно е заедно да градиме иднина во обединета Европа. Поконзервативните (симпатизерите на националистичките партии како ВМРО, популистите како што е шоуменот Слави Трифонов и поранешните комунисти) сепак цврсто реагираа: минатото не може да се оддели од сегашноста и, ако не можеме да најдеме заеднички јазик за него, каква заедничка иднина можеме да имаме?

Социолошките истражувања на јавното мислење недвосмислено покажуваат дека втората група преовладува. Огромно мнозинство Бугари сакаат прво да биде постигнат принципиелен договор помеѓу Софија и Скопје за преговорите за членство во Европската Унија. Оваа позиција се засилува и од длабоковкоренетото сфаќање во бугарското сознание дека македонската политичка, културна и научна елита е непријателски настроена кон Бугарија и затоа нашата земја треба да добие претходни гаранции дека Скопје ќе се усогласи со бугарските сфаќања во однос на историјата.

Vox populi, vox Dei

Ваквиот консензус е нешто што ретко може да се види во бугарското општество, а политичарите тоа не можат да го игнорираат. Ова во голем степен ја објаснува цврстата позиција на владата во Софија во однос на ова прашање. Премиерот Бојко Борисов е готов да ризикува да остане неразбран од другите европски лидери, а исто така и да ги преземе обвинувањата дека ја кочи европската интеграција на Западен Балкан – каузата што ја бранеше исклучително активно за време на бугарското претседавање со ЕУ во 2018 година. А, причината за неговата упорност е дека ако безусловно ја поддржи преговарачката рамка на ЕУ со Македонија, ризикува да предизвика гнев кај бугарското јавно мислење пред парламентарните избори во март 2021 година, кои неговата партија ГЕРБ на овој или на оној начин ризикува да ги изгуби поради неспособноста во справувањето со пандемијата.

Nerealni se ocekuvanjata deka Sofija ke popusti za clenstvoto na Makedonija vo EUИзвор: ft.com

Како второ, тука е влијанието што го има врз премиерот Борисов неговиот заменик во владата Красимир Каракачанов – вицепремиер, министер за одбрана и лидер на бугарската партија ВМРО. Во текот на целата своја политичка кариера Каракачанов тврди дека неговата основна кауза е зачувувањето и заживувањето на бугарското национално сознание во Македонија. Без тоа неговата политичка формација, која го има земено името на историската револуционерна организација ВМРО, целосно ќе биде бесмислена.

Затоа не беше неочекувано тоа што Каракачанов побрза да добие дозвола од премиерот да се вмеша во преговорите со Скопје. Бојко Борисов не може да си дозволи да го одбие, зашто му е потребна поддршката од ВМРО како негов коалициски партнер, за да го доврши својот мандат. Затоа, за да покаже дека ги почитува своите сојузници, Борисов ја подели одговорноста за преговорите помеѓу Каракачанов и бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева. Тоа придонесе за зацврстување на позицијата на владата во Софија, со што Каракачанов има намера да ја искористи кризата со Скопје за да ги задоволи националистички расположените избирачи во Бугарија.

И бугарската опозиција има агресивни ставови

Ставовите на јавноста во земјата ги принудуваат и опозициските политички сили да заземат позиции блиски до оние на владејачките партии. Ова се однесува и на Бугарската социјалистичка партија (БСП) – највлијателната опозициска сила, која поседува значителни шанси да се најде на првото место на парламентарните избори. Социјалистите ја поддржаа одлуката на владата да го замрзне почетокот на преговорите помеѓу ЕУ и Македонија. Тие ги критикуваа властите единствено за задоцнетото обелоденување на проблемите во разговорите со Скопје. „Ние потпишавме договор за добрососедство и соработка. Овој договор мора да се почитува. Дали е формирана заедничка комисија за решавање на спорните прашања помеѓу двете земји? Формирана е. Решени ли се прашањата? Не. Додека тие не се решат, нема да има решение за ова прашање“, изјави за бугарските медиуми претседателот на БСП Корнелија Нинова. Слично мислење како Нинова изрази и специјалниот пратеник на Македонија во Бугарија, Владо Бучковски.

Уште поагресивна е позицијата на партијата „Има таков народ“ на шоуменот Слави Трифонов, за кој низа социолошки истражувања прогнозираат дека ќе биде третата политичка сила во следниот бугарски парламент. „Предлог за Македонците, оп … извинете – Северномакедонците, дека ако тие ги признаат своите историски бугарски корени, а ние ја признаеме сегашната состојба на нештата, а сегашната состојба на нештата е да ги признаеме македонскиот јазик и македонската нација – тоа е најдобар предлог што можат да го добијат … Така што Северна Македонија нема да добие поголем компромис и, доколку не се помири со своите историски бугарски корени, ќе продолжи да постои надвор од Европската Унија. Толку!“, остро напиша Трифонов на Фејсбук. Така, шоуменот кој се потпира на силна популистичка политичка програма, недвосмислено покажа дека нема намера да прави какви и да се отстапки на оваа тема кога ќе влезе во парламентот.

Од десната коалиција „Демократска Бугарија“, која исто така ќе се најде во следниот состав на парламентот, ја нападнаа прашањата затоа што се обиде да „тргува“ со заедничката иднина на двете земји како признавање за заедничкото минато во момент во кој Софија е во силна позиција. „… Ние ризикуваме да ја доведеме интеграцијата на Република Северна Македонија и на Македонија во долгорочен ќор-сокак, од кој корист ќе имаат единствено професионалните Југословени во Скопје и нивните ментори во Белград и во Москва, а ние ќе изгледаме како некои пештерски луѓе од барутниот подрум на Европа. Не само што не го решаваме проблемот, ами го влошуваме“, објави копретседателот на „Демократска Бугарија“ Христо Иванов.

Надвор од критиките за тактиката на владата, сепак, ставот на демократите не е суштински различен од ставот на другите политички партии. Тоа се гледа од мерките што Иванов ги предложи за решавање на кризата: редовни заеднички заседанија на кабинетите и на парламентите на кои ќе се разговара за спроведувањето на Договорот за пријателство; „канон“ на заеднички фигури и празници, ревизија на учебниците по историја во Северна Македонија и др.

Меѓу големите политички сили посмирена позиција покажува само либералното Движење за права и слободи (ДПС). Од партијата благоразумно избегнуваат да ја коментираат темата внатре во Бугарија – движењето е определено масовно како „партија на бугарските Турци“ и затоа се држи настрана од ваквите прашања кои ги будат националистичките страсти. На темата се изјасни Илхан Кјучук, пратеник на ДПС во Европскиот парламент. Наскоро во разговор со министерот за надворешни работи на Македонија Бујар Османи тој изјави: „Верувам дека и двете страни ќе ги обноват конструктивните разговори, зашто во спротивно гледаме алармантен развој на ситуацијата, а имено зголемување на национализмот и на говорот на омраза. Разбирањето и заемното почитување помеѓу нашите граѓани ќе биде клучот за решавање на спорот“. Од неговите зборови се гледа каква е позицијата на ДПС – внимателна и дипломатска.

Софија нема да отстапи

Во Скопје се надеваат дека по парламентарните избори во Бугарија на власт ќе дојде нова влада која ќе биде поповолно настроена кон нивните аспирации за членство во Европската Унија. Ваквите очекувања, сепак, се нереални. Ставовите на бугарската јавност во врска со ова прашање се цврсти и недвосмислени и, како што може да се види од досегашниов преглед, не постои голема политичка сила кај нас која ќе се дрзне да ги пренебрегне, вклучувајќи ја тука и БСП.

Не е важно што СДСМ на Зоран Заев и БСП на Корнелија Нинова се сродни социјалдемократски партии, а исто така и наследнички на поранешните комунистички партии во двете земји. Всушност, овој факт побрзо ќе ги принуди бугарските социјалисти да бидат потврдоглави при евентуалните разговори со Скопје. Во Бугарија, поранешната комунистичка партија се обвинува дека во четириесеттите години од 20 век насилно ги прогласила жителите на Пиринска Македонија за етнички Македонци за да ѝ угодат на Титова Југославија. Затоа БСП не може да си дозволи да биде попустлива – инаку ќе биде изложена на напади од страна на антикомунистичките и на националистичките партии во Бугарија за тоа дека ги предава националните интереси, исто како својата претходничка.

Од бугарска гледна точка, кризата во односите со Македонија повеќе се внатрешнополитичко, одошто меѓудржавно прашање. Владејачките бугарски партии се едногласни во тоа дека Скопје не ги исполнува обврските од Договорот за добрососедство и затоа не треба да ѝ се дозволи на македонската страна да започне преговори за членство во ЕУ. Затоа мошне е веројатно дека следната влада во Софија, без оглед кој ќе ја составува, ќе продолжи по општите линии на политиката на кабинетот на Бојко Борисов. Згора на тоа, со завршувањето на германското претседателство со ЕУ на крајот од 2020 година, сегашните и идните бугарски власти немаат особен стимул да обрнуваат внимание на преговарачкиот процес. Така ќе биде до средината на 2021 година кога претседателството ќе го преземе Словенија – поранешна југословенска република, која можеби ќе покаже повеќе симпатии кон каузата на Македонија и повторно ќе го постави прашањето на дневниот ред на ЕУ.

Дури и тогаш решавањето на кризата ќе остане пред сè во рацете на политичарите во Софија и во Скопје. Врз нив паѓа сложената задача да најдат компромис кој ќе ги задоволи граѓаните на Бугарија и на Македонија, и ќе одговори на стратешките интереси на двете земји и на ЕУ. За жал, и од двете страни на границата не се покажува волја за отстапки, што навестува дека кризата ќе трае долго.

Превземено од: Республика

Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.