Лекарската комора вчера до матичните лекари испрати протокол за употребата на лекот Ивермектин кај пациенти со Ковид 19. До крајот на неделата Лекарската комора ќе организира и онлајн предавање за матичните лекари во цела земја за да се дообјаснат пртоколите, а веќе следната недела ЛК ќе организира онлајн дискусија со клиничките доктори (лекарите кои работат во болниците) за употребата на лекот – соопштија попладнево од Министерството за здравство.
Ивермектинот не е на позитивната листа на лекови кои потпаѓаат на товар на ФЗО РСМ. Согласно Решението на МАЛМЕД истиот лек се издава исклучиво на рецепт и се применуваат одредбите за издавање на розев рецепт – појаснуваат од Министерството.
Здравствените власти потенцираат дека Ивермектинот е антипаразитски лек со широк спектар на делување, неговата примена треба да биде исклучиво под лекарски надзор без разлика дали станува збор за домашно лекување или хоспитализација.
Апелираме граѓаните на своја рака да не го пијат лекот Ивермектин, бидејќи единствено лекар може да утврди дали постојат индикации за користење на лекот и доколку постојат во која доза и во комбинација со кои други лекови може да се користи Ивермектинот, се додава во соопштението.