(ФОТО) Вевчанци не се откажуваат од маскирањето – „Вакцини“ и „окупатори“ дефилираат низ Вевчани – ММС
ММС

Објавено на: 01/13/21 3:14 PM

(ФОТО) Вевчанци не се откажуваат од маскирањето – „Вакцини“ и „окупатори“ дефилираат низ Вевчани

Дури и во време на пандемија, вевчанци одлучија да ја продолжат традицијата и со почитување на мерките самоорганизирано да земат учество во овогодинешиот Вевчански карневал.

Силно полицискo обезбедување е распоредено на влезот, но и на повеќе локации во Вевчани, со цел безбедно да се спроведе групата на маскирани граѓани и да се контролира почитувањето на мерките.

И покрај тоа што официјално беше откажан карневалот и не беше организирана специјална манифестација, вевчанци денес гордо дефилираат со своите маски покрај домовите и по улиците на Вевчани.

Годинава има околу стотина маски, некои од нив се поединечни, но ги има и групните маски по кои е препознатлив карневалот. Најактуелните маски годинава се оние за вакцините „Фајзер“ и руската вакцина „Спутник“, но продефилира и маска именувана „Бугарски фашистички окупатор“. Покрај маските инспирирани од актуелните случувања, дел од неофицијалниот карневал беа и традиционалните маски кои се симбол на карневалот, како зетот и невестата, „глупавиот август“ и ѓаволите.

Вевчанскиот карневал со години наназад се одржува во Вевчани, па веќе стана и традиција која е надалеку позната. Годинава се одржува мофициран и скратен, а дали догодина ќе се одржи во нормални услови, останува да видиме.