Германија нема да воведува задолжителна вакцинација – ММС
ММС

Објавено на: 01/13/21 1:38 PM

Германија нема да воведува задолжителна вакцинација

Министерот за здравство на Германија, Јенс Шпан, изјави дека вакцинацијата против Ковид-19 во земјата нема да биде задолжителна, пренесува агенцијата Анадолија (АА).

Шпан за радиото „Дојчланд финк“ изјави дека минатата година дал ветување во германскиот парламент дека граѓаните нема да бидат принудени на вакцинација за време на пандемијата, и дека и понатаму стои зад тие зборови.

„Со информирањето за важноста на вакцинацијата, германската Влада сака кај луѓето да создаде доверба во вакцините и да ги увери во неопходноста на вакцинацијата“, изјави Шпан.

И германската министерка за правда, Кристина Ламбрехт, исто така, изјави дека германската Влада претходно ветила дека нема луѓето законски да ги принудува на вакцинација против коронавирусот.

„Тоа ветување е и понатаму на сила. Поголемиот дел од луѓето ќе се вакцинираат ако бидат уверени во безбедноста и ефикасноста на вакцинацијата“, изјави Ламбрехт.

Таквите изјави на двајцата германски министри следуваа по неодамнешниот апел на челниците на покраинската власт на Баварија, Маркус Содер, кој изјави дека германската Влада треба да го ревидира ставот за невоведување задолжителна вакцинација и тоа посебно за персоналот на здравствениот сектор и негувателите во домовите за стари лица, меѓу кои има значаен број на оние кои не сакаат да ја примаат вакцината против Ковид-19.