Нема никаква трговска војна меѓу Македонија и Косово – изјави денеска министерот за економија, Крешник Бектеши коментирајќи ја одлуката на косовската влада за плаќање дополнителна царина во висина од 30 % за земјоделските производи што се увезуваат од Македонија, но и од останатите земји.
Во пресрет на утрешното стапување на сила на заштитните мерки кои ќе траат 90 дена и ќе се однесуваат за 21 производ кој влегува од која било земја, македонската влада се’ уште нема став за тоа како ќе ги заштити домашните земјоделци. Министерот за економија, Крешник Бектеши вели дека денеска треба да има состанок со ресорниот министер, Љупчо Николовски и со директрот на царинската управа, Ѓоко Танасоски.
„Денеска ќе имам состанок со министерот за земјоделие и со директорот на Царинската управа за да ги анализираме влијанијата од оваа одлука, но ние со Косово сме членки на ЦЕФТА, а не сме биле известени навремено. Колку што сум информиран ниту секретаријатот на ЦЕФТА не бил информиран дека Косово ќе преземе вакви мерки. Ќе заземеме став на каков начин ќе настапуваме во блиска иднина“, изјави Бектеши. Тој додаде дека сите земји членки на ЦЕФТА се обврзани да ги најавуваат мерките што планираат да ги преземат, а зошто ЦЕФТА не била информирана треба да одговори косовското Министерство за трговија и индустрија.
„Важно е сите наши медиуми и граѓани да имаат предвид дека ова не е некаква трговска војна меѓу Македонија и Косово. Оваа мерка се однесува за сите држави кои извезуваат земјоделски производи во Косово. Сепак и ние ќе преземеме мерки, а тие ќе бидат анализирани, но и разгледувани со другите држави членки“, објасни министерот Бектеши, кој денеска се сретна со косовскиот министер за регионален развој, Расим Демири според кој, ваквата одлука не значи дека Косово е против Македонија.
„Ова не е одлука против Македонија и се надеваме дека нема да дојде до реципроцитет. Ова е одлука донесена со цел да ги заштитиме нашите произведувачи. Оваа одлука е добро проанализирана“, додаде тој.
Од Стопанската комора на Северозападна Македонија оценуваат дека овој потег на косовската влада е погрешен, бидејќи ја загрозува слободната трговија.
„Република Косово е најзначајниот партнер во трговската размена со Македонија и воведување на вакви мерки кои се спротивни на слободната трговија ние сметаме дека е погрешен потег. И добавувачите од Косово се жалат за оваа мерка. Тие сметаат дека со ова ќе немаат потенцијал нивните ресурси да ги исполнат реалните потреби. Владата на Косово треба да работи разумно, бидејќи оваа мерка може да се коси со спогодбата на ЦЕФТА. Оваа мерка треба да се преиспита, бидејќ може да има негативен ефект врз бизнисот“, истакнува извршниот директор на Комората, Дриљон Исени.
Македонските земјоделци пак, претходно веќе реагираа дека оваа одлука негативно ќе се одрази на нивното производство, односно дека овошјето и зеленчукот ќе поскапат и на домашниот пазар. Инаку, од почетокот на годинава извозот во Косово изнесува 6020 тони земјоделски производи или 93 милиони денари.