Одложен е карневалот „Ратевски бамбурци”. Од здружението „Ратевски Бамбурци” кое е организатор на фестивалот истакнаа дека карневалот кој ја негува традицијата повеќе од шест века се откажува заради заштита на колективното здравје.
– Сакаме да ги известуваме сите жители дека карневалот „Ратевски бамбурци”, кој ја негува традицијата повеќе од шест века по ред, низ една паганска доба, фолклор и поворки под маски, оваа година е откажан, заради спречување на ширење на коронавирусот. Со страшни маски против злите души, со црни прсти против страшни болести, со силен екoт против лошотиите, се на се за подобро утре, за поздрава и поплодна година, да се надеваме дека истите повторно ќе го наполнат село Ратево, веќе следната година и ќе продолжи да се негува, една од најуникатните традиционални манифестации во Малешевијата и пошироко, истакнаа организаторите.
Од Општина Берово ја оправдаа оваа одлука и додадоа дека поддршката за карневалот ќе продолжи и во текот на наредните години.
– Ова е доказ дека на организаторите колективното здравје им е пред се друго поради што ја поздравуваме нивната одлука. Наше е в година да дадеме поголем придонес за успешно организирање на една од најстарите традиции во Малешевијата и пошироко, додадоа од Општината.
Карневалот ,,Ратевски Бамбурци” вообичаено се одржува на 20 јануари во чест на „Св.Јован Крстител”.
МИА