Што и да каже, не паѓа рејтингот на Трамп – ММС
ММС

Објавено на: 07/18/18 10:51 AM

Што и да каже, не паѓа рејтингот на Трамп

Повеќе од половината Американци не одобруваат политиката на претседателот Доналд Трамп кон Русија, но тоа не влијае врз неговата популарност.

Според резултатите на најновата анкета на Институтот Ипсос, спроведена по средбата на Трамп со рускиот претседател Владимир Путин, 42 проценти од регистрираните гласачи се изјасниле дека се согласуваат со политиката на американскиот претседател.

Но, 55 отсто од испитаниците, меѓу кои и регистрирани гласачи не го одобруваат начинот на кој Трамп раководи со односите со Русија, додека 37 проценти  се согласуваат.

Меѓу републиканците 71 отсто изјавија дека немаат ништо против политиката на Трамп кон Русија, додека со таков став меѓу демократите се 14 проценти.

Трамп и понатаму имаа голема поддршка помеѓу републиканските гласачи и покрај критиките кои доаѓаат од партиските лидери поради неговите изјави и постаки на средбата и заедничката прес конференција со Путин во Хелсинки.

Поголемиот број регистрирани гласачи – 59 проценти се согласуваат со заклучоците на американските разузнавачки агенции дека Русија се обидела да влијае врз изборите во САД. Само 32 отсто од републиканците се согласуваат со наводите на разузнавачите, додека кај демократите е висок процентот – 84.

Анкетата открива и јасна поделба помеѓу републиканските и демократските гласачи кога станува збор дали Русија треба да се смета за непријател.

Вкупно 38 отсто од регистрираните гласачи сметаат дека Русија е непријател на САД, а речиси исти процент испитаници се изјасниле дека Русија е „конкурент“, а само за осум отсто е „пријател“.

Русија како непосредна закана е за 27 проценти од регистрираните гласачи во САД.

 

 

Извор:МИА