Пратениците денеска во рамки на продолжението на 29-та собраниска седница се очекува да расправаат за Предлог-законот за попис. Тој е ставен како 14-та точка на дневниот ред.
Пописот е планирано да се спроведе во првите три недели од април годинава по речиси 18 години пауза. Станува збор за важна статистичка операција имајќи предвид дека последниот попис беше во 2002 година, а најавениот попис во 2011 година, не беше реализиран.
Владата останува на ставот дека пописот ќе се спроведе напролет, додека опозицијата бара да се користи отпечаток од прст.
Од Државниот завод за статистика, кој ќе биде главниот носител на оваа статистичка операција, најавуваат дека пописот ќе биде спроведен согласно стандардите на Обединетите нации и Евростат. Планирано е постапката да заврши за шест месеци и да чини 8,5 милиони евра за набавка на потребната опрема.
Пред расправата за Предлог-законот за попис, пратениците треба да разгледаат повеќе други законски решенија по скратена постапка меѓу кои Предлог-законот за задолжување со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој за финансирање на проектот за унапредвање на основното образование, измените на Законот за техничка инспекција и на Законот за Државен пазарен инспекторат, како и Предлог-законот за Агенцијата за разузнавање.
MИА