Меѓународната полициска служба (Интерпол) издаде црвена потерница за 3 лица за експлозијата во пристаништето во Либан на 4 август 2020 година, што предизвика уништување од огромни размери, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста на либанската официјална информативна агенција ННА, Интерпол издал црвен билтен за португалски државјанин, трговец со амониум нитрат, што ја предизвика експлозијата во пристаништето во Бејрут, како и за сопственикот и за капетанот на бродот „МВ Росус“ со кој хемиската супстанција е пренесена во Либан.
Во веста исто така се наведува дека црвената потерница е распишана на барање на адвокатот Гасан ел-Хури.
– Експлозијата во пристаништето во Бејрут –
На 4 август во пристаништето во Бејрут избувна пожар во магацин во кој имало експлозив, а потоа се случи многу силна експлозија што го потресе целиот град.
Претседателот Мишел Авн изјави дека експлозијата е предизвикана од 2.750 тони амониум нитрат, што се чувал во магацин на пристаништето 6 години.
Соопштено е дека во експлозијата загинале повеќе од 190 лица, а над 6.000 лица беа повредени. Поради експлозијата раселени се 300 илјади лица.
Либанското правосудство на 14 ноември 2020 година издаде налог за притвор на 28 лица поради поврзаност со експлозијата.