Нетанјаху ја отстрани фотографијата на Трамп од неговиот профил на Твитер – ММС
ММС

Објавено на: 01/12/21 10:12 PM

Нетанјаху ја отстрани фотографијата на Трамп од неговиот профил на Твитер

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја отстрани фотографијата на американскиот претседател Доналд Трамп, која стоеше како профилна фотографија на неговиот профил на Твитер, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Фотографијата на Нетанјаху со Трамп, на кого му останаа уште неколку дена во претседателската фотелја, е отстранета од профилот на Нетанјаху на Твитер, а наместо него ставена е фотографија на израелскиот премиер додека се вакцинира против Ковид-19.

И покрај поразот на Трамп на претседателските избори одржани на 3 ноември минатата година, израелскиот премиер долго време ја имаше фотографијата на Трамп како профилна фотографија на Твитер.

Нетанјаху често го нарекуваше Трамп „најдобар пријател на Израел“. Трамп за време на својот мандат презеде многу произраелски чекори.

Игнорирајќи ги правата на Палестинците, Трамп донесе одлуки против Палестина во корист на Израел, како што е преместувањето на американската Амбасада од Тел Авив во Ерусалим, признавањето на Ерусалим за „главен град на Израел“ и кратење на финансиската помош за Палестина.