Се исплакав и реков: Господе не ме земај, имам само 33 години! Скопјанката Анета го победи ракот и ќе слави прв роденденден од вториот живот – ММС
ММС

Објавено на: 01/12/21 8:50 PM

Се исплакав и реков: Господе не ме земај, имам само 33 години! Скопјанката Анета го победи ракот и ќе слави прв роденденден од вториот живот

Ти си најубавата жена на светот – ова скопјанецот, Филип Јовановски и’ го рекол на својата сопруга Анета во доцните часови на еден есенски ден во 2019. година.  Тој и’ го дал комплиментот на својата сакана и ја бакнал кога младата жена почнала да плаче, соочувајќи се со највоочливиот нус ефект од хемотерапијата, која таа за првпат ја искусила десетина дена претходно. Нејзината долга руса коса ја снемало за миг, откако Филип ја истрижал со машинка бидејќи кога почнала да паѓа, сопружниците знаеле дека ситуацијата допрва ќе се влошува. Впрочем, животот на целото семејство се променил во истиот момент кога Анета дознала дека во нејзиното тело има непоканет гостин, рак кој се сместил на грлото на матката.

Оттогаш е помината над една година, лечењето на оваа скопјанка веќе е завршено па таа самата посака јавно да ја раскаже својата животна приказна за ММС пред се’ за да ги сподели поуките што ги извлекла од болеста и да им даде поддршка на оние кои сега се соочиле со ваква или слична дијагноза.

„Во февруари 2019 година си бев на редовен гинеколошки преглед. Сето тоа си беше уредно, а гинеколошки преглед правев на шест месеци и секогаш сите резултати беа во ред. Немав никогаш вируси или бактерии, при тоа имав совршени бремености па родив две здрави и прави синчиња“, ја почнува Анета својата приказна додавајќи дека седум месеци подоцна прокрварила и тоа го „вклучило алармот“.

Веднаш се упатила кон својот матичен гинеколог, каде било воочено дека има некои невообичаени промени.

„Мојата докторка ме прати на  ГАК кај друг доктор, за да направи биопсија. Кога ја направивме за три дена добив резултати кои си го потврдија карциномот на грлото на матка. Болеста беше рано откриена во прв стадиум, но за жал се испостави дека имам поагресивен тип карцином кој се јавувал многу ретко на тоа место. Обично се јавувал на надбубрежната жлезда, на белите дробови, но ретко на грлото на матката.  Тогаш докторот ме праша дали имам дечиња.  Кога одговорив потврдно ми рече нека се живи и здрави, но ќе мора да го извадиме целиот орган“, ни изјави Анета.

Д-р Игор Алулоски и’ објаснил дека операцијата е една од најсложените гинеколошки операции, која трае по неколку часа.  Анета прифатила се’ што и’ кажал докторот и иако изгледала цврста како карпа, само минути биле во прашање за да се соочи со дијагнозата со солзи.

„Кога дознав, седнав на една клупа, се исплакав и си реков Господе ова што го читам како резултат, го прифаќам. Вистината е таква, но не сакам да ме земеш кај тебе. Млада сум, имам само 33 години“, се сеќава таа.

Нејзиниот сопруг не сакал да ја прифати реалноста, ја убедувал дека се’ е само лош сон, за потоа да и’ каже дека ако е потребно ќе го продаде и домот и дека ќе ги обезбеди сите финансиски средства кои ќе бидат потребни за процесот на лекување.

„Една година претходно јас ги изгубив и татко ми и мајка ми. Татко ми почина од карцином и јас не знаев како да им кажам на моите деца дека сум болна, за да не помислат дека од оваа болест автоматски се умира. Јас копнеев да се излечам, сакав да сум силна и здрава за нив, да ги пораснам и во староста да ги чувам своите внуци“, вели Анета.

Пред да оди на операција, на синчињата Кристијан и Јован кои тогаш имале седум, односно четири години им рекле дека мама ќе се ‘оперира на мешето’.   Петчасовната операција поминала во најдобар ред, но докторите на оваа своја пациентка и’ објасниле дека во следниот период ќе биде како мало дете што учи да оди.

„Тешко ми беше да застанам на нозе, се учев да одам чекор по чекор, а на децата им рековме кога ќе ми дојдат в прегратка да бидат внимателни за да не ме повредат“, додава нашата соговорничка.  По околу три недели, следел чекор напред во третманот на болеста. Анета се упатила кон Клиниката за онкологија за да дознае што ја чека понатаму.

„Докторката онколог ми рече дека станува збор за многу ризичен карцином, поради што ќе мора да имам 4 циклуси хемотерапија и  25 радиозрачења. Јас отворено кажав дека се’ што треба ќе прифатам, само да оздравам.  Најтешко ми падна кога дознав дека ќе ја изгубам косата. Тогаш повторно се расплакав, но ги избришав солзите и само чекав да дојде денот за првото хемо“, објаснува Анета сеќавајќи  се дека првата терапија ја примила на Митровден.

„Пред првото хемо се прекрстив пред Клиниката за онкологија и реков Господе дај ми помош и мене и на сите други луѓе тука. Имав многу страв од тоа да не ми се случи нешто додека ја примам, но не се случи ништо страшно. Си муабетев со другите пациенти, си читав весници, си наоѓав занимација. Свекрва ми која ми беше огромна поддршка доаѓаше кога можеше и така времето бргу поминуваше“, додава таа за ММС.

„Десет дена по првото хемо почна да паѓа косата. Станав од спиење, целата перница беше со коса. Сопругот ми рече да си жива и здрава, знаевме дека ова ќе се случи. Тој и децата излегоа, јас си се расплакав малку. Си ставив марама за да не сеам коса низ собите и седев со марама. Дојдоа дома и синот ме праша зошто ти е мама таа марама, но јас го избегнав вистинскиот одговор“, споделува Анета.

Таа и сопругот Филип чекале децата да заспијат и да се збогуваат со косата.

„Многу му беше тешко да ја стави машинката на мојата глава, но ако не го направевме тоа уште истиот ден потешко ќе беше да гледам како паѓа бидејќи имав долга руса коса“, објаснува Анета која продолжила да носи марами низ дома и на Кријан и Јован им рекла дека има нова фризура. Кога ја тргнала марамата, се случила неочекувана реакција која и’ задала нова болка на младата мајка.

„Јован почна да ме гали, но Кристијан се стаписа, ме погледна сериозно. Го гледам јас, ме гледа тој, почна да плаче гласно. Детето почна да се плаши, сите плачевме, освен Јован. Се затвори во соба, а јас се вратив назад.  Мојата сестра тогаш разговараше телефонски со него, а што разговараа не знам и тој излезе од собата. Ме гледаше и со рачето пополека сакаше да ме погали. Јас му реков дека јас сум неговата мајка, дека се’ ќе направам за него. Тогаш ме праша што ти се случи со косата и ми рече да ја извадам марамата. Ја тргнав и пополека сакаше да ме допре.  Се опушти, го однесов пред најголемото огледало во нашиот дом. Го држев за рака му реков дека сум истата, само немам коса. Бакнежот е ист, љубовта е иста,  му реков на мојот син – мама само нема коса. Му објаснив дека нема да кријам  и ми открија карцином. Ме праша што е тоа, му реков дека е рак“, раскажува таа со растрепен глас.

Децата ја прифатиле дијагнозата, но и покрај големите болки од терапииите детскиот џагор во домот правел се’  да изгледа полесно, па така дошол и крајот на хемото. Анета морала да почне и со радиозрачење, но сепак издржала само 10 зрачења, по што во консултација со онкологот решила тој процес да го прекине предвреме.

Кога била направена првата контрола по завршувањето на лечењето, резултатите покажале дека се’ е во ред и дека нема никаква трага од карциномот. Тоа било сосема доволно за солзите од тага да се заменат со солзи радосници. Оваа вест била вистински празник за семејството Јовановски, особено за малите палавковци кои претходно биле загрижени за својата мајка. Болеста сепак, на Анета и’ донела многу нови пријателства, се запознала со луѓе со кои се уште контактира, но сака тие контакти да ги прошири и да им биде поддршка на сите кои го поминуваат ваквиот пат.

„Некои пациенти се срамеа поради загубата на косата, но јас им велев дека за тоа треба најмалку да им биде гајле. Иако на почетокот тоа е шок за секој пациент, најважно всушност е главата да остане на рамењата. Сакам да порачам дека сите луѓе, и мажи и жени, редовно треба да си одат на лекар, да не бидат неодговорни кон себе. Карциномот понекогаш е болест која не боли, затоа прегледите и при најмал симптом се важни, бидејќи раната дијагноза го спасува животот“, вели Анета која сега зрачи со оптимизам.

Нашата соговорничка по професија е градежен лаборант, а работи како заменик-директорка во приватна фирма во Скопје. Пандемијата со коронавирусот ја принудила работните обврски да ги извршува од дома, но сепак вели дека супер се чувствува и дека е полна со енергија.

 

„После се’, јас сум новата јас. Буквално животот ми се промени, претходно се нервирав за работи коишто сега ми се на последно место. За волја на вистината некогаш имам болки од операцијата поради промена на време, но тоа воопшто не е страшно“, порачува Анета.

Таа со нетрпение очекува да дојде февруари и за своето семејство да направи некој вкусен десерт со кој скромно ќе го прослави новиот роденден на кој нескромно му се радува.

 

Вања Мицевска