Чешката ракометна репрезентација на својот официјален „Твитер“ профил објави дека го повлекува своето учество од претстојното Светско првенство во Египет, поради голем број случаи со Ковид-19 во својот состав.
Ваквата одлука на Чесите значи дека македонската ракометна репрезентација како прва резерва на списокот на репрезентации кои првично не се квалификуваа, ќе го заземе нивното место и ќе настапи на големиот собир.
-Официјално: Светското првенство во Египет ќе мора да се одржи без учеството на Чешка поради присуство на Ковид-19 во тимот, стоеше на профилот на Чесите.
Потврда од ЕХФ засега нема, но според очекувањата таа ќе се случи најдоцна до утре. Во ова сценарио Македонија би настапила по седми пат ракометниот мундијал. Најголемиот успех ракометарите го имаат остварено пред пет години (деветто место).
Македонските ракометари во рамките на групата Г ќе мора да се соочат со домаќинот Египет, селекцијата на Чиле со која изигравме два пријателски меча во Скопје и силната Шведска.


