Горан Сугарески назначен за в.д. директор на Царина – ММС
ММС

Објавено на: 01/12/21 5:44 PM

Горан Сугарески назначен за в.д. директор на Царина

Досегашниот директор на Царинската управа Ѓоко Танасоски е разрешен од функцијата, а на негово место за вршител на должноста директор е назначен поранешниот министер за транспорт и врски Горан Сугарески.

На денешната 38-ма седница на Владата донесени се уште неколку кадровски решенија.

Исамедин Азизи, научен соработник – доцент во Институтот за национална историја, е именуван за член на Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.

За в.д. заменик директор на Дирекцијата за заштита и спасување е именуван Зулфикар Зејнулаи, а за в.д. директор на Државниот управен инспекторат е назначена Кети Василевска.

Владата ја прифати и оставката на досегашниот директор на Националниот парк Галичица, Васко Паскали и на негово место го назначи Александар Миљовски.

На владината седница е разгледана и оставката на директорот на Агенцијата за енергетика Нехри Емрула со препорака до Управниот одбор на институцијата да го разреши и за вршител на должноста да го назначи Дарио Никловски.

Донесена е и одлука да му се препорача на Управниот одбор на јавното претпријатие Студенчица да го разреши директорот Урим Ахмети и на негово место да ја именува Ардита Дани.