Пијте кафе без грижа на совест: Кои се придобивките од кофеинот? – ММС
ММС

Објавено на: 01/12/21 5:46 PM

Пијте кафе без грижа на совест: Кои се придобивките од кофеинот?

Секој ден милијарди луѓе се потпираат на кофеинот за да се разбудат или за да се справат со попладневната криза за дремка. Во суштина, овој природен стимуланс е една од најчесто користените состојки во светот.

Што претставува кофеинот?

Кофеинот е природен стимуланс кој најчесто се наоѓа во чајот, кафето и какаото. Делува стимулативно на мозокот и на централниот нервен систем, ви помага да останете будни, а со тоа ја елиминира појавата на умор.

Кофеинот брзо се апсорбира од цревата во крвотокот, од каде што патува до црниот дроб и се распаѓа на соединенија што можат да влијаат на работата на различни органи. Сепак, главниот ефект на кофеинот се манифестира врз мозокот. Имено, може да го зголеми нивото на адреналин и со тоа да ја зголеми активноста на мозокот. Оваа комбинација дополнително го стимулира мозокот и манифестира состојба на возбуда, будност и фокус. Бидејќи влијае директно на мозокот, кофеинот често се нарекува психоактивен лек.

Кофеинот природно се наоѓа во семињата, оревите или лисјата на одредени растенија (зелен чај). Овие природни извори потоа се собираат и преработуваат за да се произведат храна и пијалоци со кофеин.

Некои намирници исто така содржат кофеин. На пример, 1 порција (28 грама) млечно чоколадо содржи 1-15 мг, додека 1 порција црно чоколадо содржи 5-35 мг кофеин.

Во однос на расположението, не мора да значи дека ви е потребно повеќе кофеин одошто вообичаено за да бидете расположени. Една студија открила дека втората шолја кафе во текот на денот не носи никакви дополнителни придобивки доколку не се конзумира најмалку 8 часа по првата шолја – што сугерира дека растојанието помеѓу кафињата е исто така важно.

Покрај ова, кофеинот е честа состојка на додатоците за слабеење, а кога станува збор за вежбање, кофеинот делува како гориво, па може да придонесе за согорување на калориите. Ова е корисно затоа што може да го одложи мускулниот замор и исцрпеноста. Исто така може да ги подобри мускулните контракции, а со тоа да ја зголеми толеранцијата на замор.

Конзумацијата на кафе е поврзана со следниве позитивни ефекти врз здравјето:

Заштита на црниот дроб: Кафето може да го намали ризикот од оштетување на црниот дроб (цироза) за дури 84%.

Заштита на кожата: Конзумирање кофеин на дневно ниво може да го намали ризикот од рак на кожата за 20%.

Здравје на цревата: Кофеинот може да ја зголеми количината и активноста на корисните цревни бактерии, што ќе поттикне подобро варење.

Конзумацијата на кофеин генерално се смета за безбедна, иако создава навики. Луѓето кои се нетолерантни на кофеин можат да доживеат некои несакани ефекти кои вклучуваат вознемиреност, немир, треперење, неправилно чукање на срцето и проблеми со спиењето. Премногу кофеин кај некои луѓе исто така може да предизвика главоболки, мигрена и висок крвен притисок.

Кофеинот не е толку нездрав како што некогаш се веруваше порано. Луѓето кои лошо реагираат на внесувањето кофеин се свесни за несаканите ефекти на оваа состојка. Меѓутоа, ако не ви пречи кофеинот, нема да имате негативни последици и ќе можете да уживате во вашиот омилен пијалок. Затоа, сигурно можете да ја сметате вашата дневна шолја кафе или чај за пријатен начин за „промовирање“ на добро здравје.

 

Извор: espreso.rs