Планирањето на јавните набавки е слабо и несоодветно, не се образложуваат потребите од јавни набавки, што води до чести измени на годишните плановите за јавни набавки. Иако има законска измена, и натаму главен критериум во набавките е најниската цена, додека во мал дел од набавките забележана е значајна разлика во цените на иста стока, работи или услуга од општина до општина. Ова се дел од заклучоците на анализата на јавните набавки во општините Виница, Неготино, Гевгелија и Ново Село, на ЗГ ИНИ од Виница. Во анализата се опфатени и јавни набавки на песок на три јавни комунални претпријатија од Штип, Македонска Каменица и Гевгелија.
Во анализата се констатира дека однос на мониторираните општини, во просек најмногу измени на годишниот план за јавни набавки има општина Неготино 9, Виница 5,5, Гевгелија 5, и НовоСело 4,5. Реализацијата на годишните планови за јавни набавки на горе наведените општини се движи од 13,21% на општина Ново Село, Гевгелија 40,72%, Виница 77,6% и Неготино со 96% реализација во 2018 година.
Вкупниот број на спроведени набавки на сите општини е 142, вкупниот број на договори е 179 со вредност од 192.087.277,00 денари.
Кај сите набавки единствен критериум за добивање на договор е најниската цена. Критериум најниска цена и задолжителна е-аукција, беа задолжителни со претходниот Закон за јавни набавки за договорните органи, додека со новиот Закон за јавни набавки кој стапи на сила на почетокот на 2019 година оваа обврска е надмината, но истражувањата ни покажуваат дека и понатаму најниската цена е критериум во 95% од набавките, а е-аукција се спроведува кај 93% од тендерите.
Вкупниот број на целосно поништени постапки е 24 или 17% од вкупниот број спроведени тендери, кај 12 постапки не е поднесена ниту една понуда, една постапка е со битни пропусти во тендерската документација, една постапка поништила Државната комисија за жалби по јавни набавки, а кај останатите 10 постапки не е поднесена ниту една прифатлива понуда или понудувачите понудиле цени кои се понеповолни од реалните на пазарот.
Цената која што општините ја плаќале за услугата стручен надзор при градежни работи се движи од 0,48% на општините Неготино и Ново Село, до 0,76% на општина Гевгелија, од вредноста на објектот што се гради.
Констатираните разлики во цените не се значајни во однос на просекот. Најниската набавка е за 37% пониска од просекот, додека највисоката е за 22,5% повисока од просекот 0,62%. Разликата во цената помеѓу најниската и највисоката платена цена за стручен надзор при градежни работи изнесува 58%. Во сите тендери е обезбедено високо ниво на конкуренција од 6 до 14 понудувачи. Е-аукција е спроведена за сите тендери и е постигнато намалување на цената 8,6 пати кај општина Виница, до 20 пати кај останатите општини, во однос на највисоко пристигнатите понуди. Тендерските документации и техничките спецификации се стандардни, освен кај општина Ново Село, каде во техничката спецификација во делот на „Обврски на економскиот оператор во процесот на вршење на услугите“ е наведено, „Економскиот оператор да обезбеди надзорниот инженер да биде на располагање на општината во рок од 30 минути од повикот“, и истото е преточено и во склучениот договор помеѓу општина Ново Село и избраниот понудувач, што претставува прилично ограничувачки фактор за понудувачите кои се повеќе оддалечени.
Планирањето на јавните набавки од страна на институциите е слабо и несоодветно. Годишниот план за јавни набавки се носи и објавува навремено, меѓутоа недостасува подетално образложение на потребата од јавните набавки. Честите измени на годишниот план за јавни набавки е показател дека договорните органи несериозно пристапуваат во планирањето на јавните набавки и отвараат можности за постоење на коруптивни активности.
Поради тоа, како што препорачува Анализата, потребно е договорните органи да изработуваат детално образложение за потребата на јавните набавки пред донесувањето на одлуката што ќе се набавува, и задолжително да ги објавуваат причините за измените и дополнувањата на годишните планови за јавни набавки.
Потребно е почесто спроведување на јавните набавки со директно поднесување на понудите од економските оператори и користење на критериумот за избор на економски најповолната понуда при што се бодуваат и цената и квалитетот. Бирото за јавни набавки да изработи насоки за избор на економски најповолната понуда. Конкуренцијата е сериозно нарушена во одредени постапки од честите и значајни измени на годишните планови за јавни набавки, делумно или целосно поништувањето на постапките кај 20% од спроведените тендери, големиот процент на зголемување на жалбите до Државната комисија за жалби по јавни набавки, чести пропусти при изработка на тендерските документации итн. водат до пад на бројот на просечни понудувачи. Анализата препорачува договорните органи да извршат внатрешна проценка на капацитетите на институцијата, и да изработат внатрешни процедури за сите фази во спроведувањето на јавните набавки и истите доследно да се спроведуваат.
Транспарентноста, отчетноста и интегритетот на институциите е на ниско ниво, општините со просечна транспарентност од 60%, а јавните претпријатија имаат просечно ниво на транспарентност од 25%. Ова отвара сомнежи за постоење на коруптивни активности внатре во институциите. Поради тоа, потребно е континуирано да се работи на про-активната транспарентност и отчетност на институциите за зголемување на интегритетот на институциите во однос на организацијата на работењето, транспарентноста за овозможување пристап до информации од јавен карактер и отчетност на институциите во однос на резултатите од работењето и јавните набавки. Институциите да започнат со проценка на ризиците од корупција и судир на интереси кај јавните набавки, а договорните органи за секоја набавка да назначуваат одговорно лице за реализација на договорот и за истите да има известување на веб страниците на институциите и на ЕСЈН, е дел од истражувањето и анализата „Интегритет на институциите на локално ниво во јавните набавки“ на ЗГ ИНИ од Виница.
Објавено на: 01/12/21 4:16 PM