Штипскиот градоначалник д-р Сашко Николов ја демантира информацијата дека е сменет директорот на Ј.П Исар, Живко Тасев и дека од утре нов директор на јавното претпријатие ќе биде Здравко Коцев, кој веќе еднаш беше на оваа функција.
,,Директорите и на Ј.П Исар и на Ј.П Стипион си ги извршуваат своите обврски. Јас уште кога стапив на функцијата градоначалник разговарав со сите директори и раководители на сектори и ги кажав моите барања. Сите добија два месеци да ја прилагодат својата работа на тие мои барања. Јасно посочив што барам од јавните претпријатија, затоа што тие се лицето на градот. Рокот од два месеци за тие да се адаптираат на моите барања се уште не е поминат,“изјави Николов за ММС.
По завршувањето на овој рок од два месеци, тој рече, ќе направи анализа на работата и ќе одлучи што понатаму.
Освен Здравко Коцев, како можни кандидати за директорското место на Ј.П Исар се споменуваа и Билјана Казанџиска, раководител на Секторот за образование, општи дејности и Лер и Павел Иванов, раководител на П.Е на МЗШВ.
Николов ги демантираше и информациите дека со неговото доаѓање на функцијата градоначалник биле отпуштени, т.е си заминале некои од вработените од кабинетот на поранешниот градоначалник Благој Бочварски. Тој вели дека неговиот тим за работа се вработените од општината. Со него дошле само двајца негови најблиски соработници, а си заминале некои кои што се гледале на други повисоки позиции.
фото-општина штип