Се стабилизира состојбата со излеаните речни корита во кумановско – ММС
ММС

Објавено на: 01/12/21 3:25 PM

Се стабилизира состојбата со излеаните речни корита во кумановско

Неколку куќи и викендици покрај течението на реката Пчиња се поплавени, информираат од Регионалниот центар за управување со кризи Куманово. Оттаму информираат дека заради обилните врнежи од дожд зголемени се водостоите на реките кои се влеваат во река Пчиња (Градшница и Петрошница) заради што има излевање на реката Петрошниоца помеѓу селата Макреш и Војник.

– По течението на река Пчиња поплавено е претежно земјоделски земјишта 7-8 викендици и 3-4 индивидуални куќи за живеење – претежно  помошни објекти. Поплавено е и дел од обработливо земјоделско земјиште во атарот на селата Шупли Камен, Јачинце, Довезенце, Клечовце, Пчиња  и  Студена Бара, стои во извештајот на РЦУК.

Оштетен е и постоечкиот мост со цевки Ф – 1000 кој на реката Пчиња од Шупли Камен кон с.Клечовце по течението кај м.в.Визијана.

Општинскиот штаб за заштита и спасување Куманово ќе формира тричлена комисија која ќе треба да утврди кои се причините за излевање на Пчиња и Крива река поради обилните врнежи од дожд во изминатите денови.

Состојбата со речните сливови на подрачјето на Куманово е стабилна, изјави денеска претставникот на општината Даниел Стојчевски.

Но, надлежноста на Општина Куманово е само за реките Липковка, Којнарка и Кумановка.

– Како општина имаме надлежност на речните текови што се наоѓаат во град Куманово, односно во делот што е градежен реон, плански опфат кој ги вклучува реките Липковка, Којнарка и Кумановка, додека реката Пчиња и Крива река се под директна надлежност на Водостопанство Кумановско липковско поле, изјави Стојчевски.

Општина Куманово преку ЈП „Чистота и зеленило“ има свои објекти во Меморијалниот центар „АСНОМ“ во Пелинце кој е поплавен, но за да ангажира соодветна механизација за евентуално чистење на теренот мора да добие барање од Општина Старо Нагоричане на чија територија се наоѓа „АСНОМ“.

Постојат три критични точки во овој момент, вели тој, водата се повлекува, но нови врнежи се очекуваат веќе утре.

Директорот на ЈП „Водостопанство Кумановско-липковско поле“ Оливер Илиевски вели дека механизацијата е во селата Пчиња и Довезенце, каде се работи за заштита на неколку куќи и штали.

Како што појасни директорот Илиевски, излевања имало на неколку места, но не се причинети големи материјални штети.

Инаку водостојот на реката Пчиња кај селото Пелинце, според последните мерења од станиците на Управата за хидрометеоролошки работи, направени во 07:30 часот утринава, покажува водостој од 122 сантиметри, што е опаѓање во однос на вчерашните 1,5 метри измерени околу 16 часот.

 

 

Никола Ивановски