ЦИВИЛ со реакција за ново избрниот претседател на ДИК: Не може да ја води човек од првите редови на режимот на Груевски – ММС
ММС

Објавено на: 01/12/21 2:25 PM

ЦИВИЛ со реакција за ново избрниот претседател на ДИК: Не може да ја води човек од првите редови на режимот на Груевски

ЦИВИЛ со реакција за ново избраниот претседател на Државната изборна комисија во која велат дека ДИК не може да ја води човек од првите редови на режимот на Груевски.

Тие ја алармираат јавноста и го потсетуваат Собранието на Република Северна Македонија дека имаат обврска да носат одлуки со кои се штитат интересите на граѓанките и граѓаните.

„Денешната собраниска седница за утврдување на новиот состав на Државната изборна комисија што треба да добие двотретинско мнозинство, на листата за претседател на оваа исклучително важна институција го има предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Даштевски. Познато е дека Даштевски е поранешен претседател на Комисијата за заштита од дискриминацијата. За време на неговото раководење со оваа институција, Комисијата беше мртва, со исклучок на случаите кога требаше да се одбранат дискриминаторските и криминалните постапки на режимот на Груевски. Даштевски е човек од првите редови на режимот на Груевски“, стои во соопштението испратено од ЦИВИЛ.

Од таму додаваат дека Даштевски бил и сведок на одбраната на бегалците Грујовски и Бошковски, поранешни началници во Управата за безбедност и контраразузнавање, обвинети во предметите на СЈО „Таргет” и „Тврдина”.

„Основниот суд Скопје 1 Скопје во 2018 поведе иницијатива за негово разрешување од претседателското место во Комисијата за заштита од дискриминација поради злоупотреба на службената положба и нестручно и несовесно вршење на функцијата“, стои во сооштението на ЦИВИЛ.

Од ЦИВИЛ сметаат дека до избор на луѓето со профил како Даштевски ќе се зададе силен удар врз демократијата, а со тоа и врз процесот на изборните реформи и негативно ќе влијае врз легитимноста на изборните процеси.

„Даштевски е еден од најревносните бранители и поддржувачи на режимот на Груевски, за кого се смета и дека му обезбеди „правен” простор на Груевски да избега од земјата.Без оглед на „аргументот” дека е поранешен член на ДИК (2006 година), Даштевски е сѐ, само не релевантен и добар предлог за член, а уште помалку за претседател на ДИК. Имајќи предвид дека се започнати сериозни реформи во изборниот систем, а ДИК е една од клучните институции во тој процес, гласањето за Даштевски како претседател на ДИК не претставува ништо друго, туку сигнал дека реформските процеси се осудени на пропаст“, сметаат од ЦИВИЛ.

Препорака на ЦИВИЛ со години наназад е дека ДИК мора да се реформира, при што ќе се создадат законски решенија за избор на негови членови кои ќе носат законити и легитимни одлуки во спроведувањето на изборните процеси и чија функција ќе биде во насока на максимална заштита на правото на глас, а не заштита на партиските интереси.