Кавга за велосипедско-пешачката патека до Моклиште – ММС
ММС

Објавено на: 01/11/21 2:22 PM

Кавга за велосипедско-пешачката патека до Моклиште

Изградбата на велосипедско- пешачката патека од селото Ваташа до моклишката воденица, ги раскара  градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев и пратеничката од редовите на СДСМ, Даниела Колева.

Колева на својот фејсбук профил објави дека вистинско задоволство било пешачењето по новата велосипедско-пешачка патека од Ваташа до Моклиште, а посебно задоволство и причинило  тоа што сретнала многу сограѓани,  кои рекреативно ја користеле патеката.

„Може со гордост да  потврдам дека вложените средства за целосна изградба на оваа патека од страна на владата се дадени на вистинско место“ напиша Колева.

На овој статус реагираше Јанчев и посочи дека патеката била дел од неговата предизборна програма и затоа немало потреба друг да се фали со овој проект, посебно нагласувајќи дека новоизбраните пратеници немале никакво учество во истиот, а парите за изградба биле на граѓаните.

„ Со многу труд успеавме да ја изградиме и денес да биде во корист на граѓаните на Општина Кавадарци.  Во изградбата на патеката и општината учествуваше со финансиски дел. Новоизбраните пратеници немаат никакво учество во реализирањето на овој проект, како и во многу други проекти кои се реализирани во нашиот град“ напиша на својата фејсбук страна градоначалникот. Ги повика новите пратеници да почнеле  навистина да се борат за нови проекти за Кавадарци.

„ Нејасно е зошто е ваквата реакција на градоначалникот кога и самиот пред медиумите кажува дека патеката е целосно финансирана од Владата преку Вардарско плански регион. Имено, како што јасно се гледа во мојата објава само наведов дека средствата кои Владата ги наменила за изградба на велосипедско-пешачката патека се дадени на вистинско место, а никаде не оспорив ниту спомнав дека тоа не е проект на општина Кавадарци, затоа што истото се подразбира, патеката се наоѓа во Кавадарци. Впрочем постојат и неколку табли долж патеката на кои јасно пишува дека истата е финансирана од Владата“ му врати пратеничката на Јанчев, нагласувајќи дека неговата реакција била неразбирлива.

Таа во новиот пост исто така напиша дека проектот не  го земала како нејзина заслуга, туку дека само  изразила воодушевување за патеката и колку е таа искористена.  Во однос на повикот од градоначалникот, пратениците да се заложеле да обезбедат повеќе пари за проекти во Кавадарци од централната власт, Колева пишува дека на тоа веќе работела.

„ По природа не  сум човек кој оспорува нечија заложба и работа, а немам никаква намера да заземам туѓи заслуги, но  граѓаните  треба јасно да знаат кој ги финансира проектите, иако се општински. Се согласувам дека  средствата во локалната самоуправа и во централната власт се пари на граѓаните и треба да бидат насочени на вистински проекти како што е овој“ напиша Колева.

Ваквата преписка меѓу градоначалникот и пратеничката предизвика и лавина од коментари на социјалните мрежи.

Ангел Данов