Севернокорејскиот лидер, Ким Џонг-ун се здоби и со титулата генерален секретар на владејачката Работничка партија, пренесува aгенцијата Анадолија (АА).
Според веста на Корејската централна новинска агенција (KCNA), на 8-от Конгрес на Работничката партија, одржан вчера по 5-годишна пауза во главниот град Пјонгјанг, титулата генерален секретар на владејачката Работничка партија му е доделена на Ким Џонг-ун.
Претходно на неговиот татко Ким Џонг-ил и на неговиот дедо Ким Ил-сунг им беа доделени титулите претседател на Работничката партија.
Се наведува дека на Ким му е врачена оваа титула за да го зајакне својот авторитет.
Во меѓувреме, јужнокорејската Војска соопшти дека добила разузнавачки податоци дека Северна Кореја во неделата вечерта одржала воена парада на плоштадот во Пјонгјанг.
Генералштабот на Јужна Кореја наведе дека во тек е истрагата за тоа дали станува збор за вистинска парада или за проба.
Набљудувачите истакнаа дека на парадата најверојатно се покажани новите системи за оружје, пред администрацијата на Бајден да ја започне функцијата.
Севернокорејскиот лидер, Ким Џонг-ун, на претходните седници со објавување на списокот на високотехнолошки системи за вооружување се закани дека ќе го зајакне нуклеарниот арсенал.
Во својот говор, севернокорејскиот лидер повтори дека Соединетите Американски Држави (САД) се „главен непријател“ на Северна Кореја и дека „кој и да ја преземе функцијата во САД никогаш нема да ја промени основната структура и непријателската политика на земјата“.
Наведувајќи дека воспоставувањето нови односи со САД зависи од тоа дали оваа земја ќе продолжи со својата непријателска политика или не, Ким додаде дека тие нема да користат нуклеарно оружје сè додека непријателските сили не го користат нивното нуклеарно оружје.