Каракачанов најавува средба со Бучковски вечерва во 18 часот, но не очекува напредок следните шест месеци – ММС
ММС

Објавено на: 01/11/21 11:58 AM

Каракачанов најавува средба со Бучковски вечерва во 18 часот, но не очекува напредок следните шест месеци

Специјалниот претставник во односите со Бугарија, Владо Бучковски е во Софија, каде има закажано повеќе средби. Во 18 часот е закаќана средбата со најгласниот бугарски функционер по македонско- бугарските односи, вицепремиерот Красимир Каракачанов. Тој ова го потврди претпладнето, во одговор на новинарско прашање, при што не пропушти уште еднаш да го искритикува однесувањето на македонските челници и атмосферата во македонското општество кон Бугарија. Каракачанов обвини за двојни стандарди, хајка кон граѓани кои се декларираат како Бугари во Македонија, а прогнозираше дека нема да има напредок во следните шест месеци. На македонската влада и’ препорача да си ги прочита официјалните документи на бугарските власти  и да не „создава  интриги зад грб“ . Според Каракачанов, проблемот не е меѓу Македонија и Бугарија, туку меѓу Македонија и Европската Унија.

-Ова е трет пат да се состанеме по ова прашање. Верувам дека Бугарија има јасен став и крајно време е во Скопје да започне со читање на одлуките на бугарскиот Парламент и бугарската Влада. Мислам дека нема смисла да се потпираме на чаршиски муабети. Господин Бучковски е добронамерна личност. Има политичко искуство, писмен човек е, со добар став кон Бугарија. Не случајно е избран за преговарач и посредник, но мислам дека властите во Скопје го искористуваат. Се користи за демонстрација на добра волја. Тој самиот има добра волја, но оние што го испраќаат немаат добра волја. Тие сметаат дека треба да има компромис, но тој компромис треба да е од бугарска страна. Тоа нема да се случи“, изјави Каракачанов и потсети дека има големо едногласие од над 80% во бугарската јавност и политика по ова прашање.

Бугарскиот вицепремиер уште еднаш ги повтори ставовите дека  додека во Македонија има говор на омраза кон Бугарија, како што рече се прават списоци на декларирани Бугари и проверка и контроли на возилата со бугарски таблички.

-Ако некој таму мисли дека ќе се користат надворешни фактори за да се изврши притисок врз Бугарија или дека ситуацијата во Бугарија ќе се промени, по евентуална промена на владата оваа пролет, нема смисла да се зборува и тоа е губење време, рече Каракачанов.

Македонската влада, според него игра игри иако знае дека Португалското претседателство со ЕУ јасно се изјасни дека проширувањето не е тема, а португалскиот премиер кажа дека проблемот не е меѓу Бугарија и Македонија, туку меѓу ЕУ и Македонија.

Според него, властите во Скопје не сториле ништо повеќе од три години, а сега продолжуваат да се потпираат на фактот дека и покрај одлуките на бугарската влада и парламентот, може да се постигне компромис со позицијата на Бугарија. Сепак, вицепремиерот истакна дека тоа е невозможно.

-Сè додека го отворате учебникот по Историја секој ден во Македонија дека ние Бугарите сме фашисти, окупатори и Татари, не може да има разговор“, нагласи Каракачанов.

Според министерот, аргументот на Северна Македонија дека тие имаат право на самоопределување на нивниот идентитет е несериозен.

-Никој не ви дава такво право. Вие имате право да го бранате вашиот идентитет како што е од неговото настанување, а не да крадете туѓа историја со создавање лажен идентитет и да ми кажете: „Но, не е европски да ни го негира сопствениот идентитет“. Вие го имате идентитетот создаден од Коминтерната. Застанете во одбрана и никој не ја оспорува, но Цар Самоил е бугарски крал и тој не се борел против Бугарија, како што пишува во вашите учебници. Ние Бугарите не сме фашисти, окупатори, затоа што и покрај 70-годишните промени на јазикот , ние сè уште разговараме без преведувачи. Зборуваме на ист јазик “, додаде Каракачанов.