Во Скопје денеска ќе почне квалификацискиот турнир на кој машките репрезентации на Македониј,а Турција и Босна и Херцеговина ќе се борат за пласман на Европското првенство, а со посебно внимание се очекува настапот на Адис Лагумџија кој настапува за селекцијата на Турција, јавува агенцијата Анадолија (АА).
Еден од најталентираните одбојкари на Европа е Адис Лагумџија, кој во разговор за Агенција Анадолија истакна дека верува оти со репрезентацијата на Турција ќе се изборат за првото место во групата и ќе се пласираат на Европското првенство кое се игра оваа година.
Адис на 13 годишна возраст ја напушти БиХ и отиде во одбојкарската академија на турскиот Галатасарај. Три години играше во Аркас од Измир, а моментално е член на тимот Веро Волеј од Монца и настапува во елитната италијанска серија А.
Лагумџија ги помина сите возрасни селекции на турската репрезентација, а националниот тим на земјата во Скопје ќе го предводи во мечот против Босна и Херцеговина.
„И порано во младите селекции имавме натпревари. Прв пат играм против БиХ. Всушност, тоа е натпревар како и другите. Осум години сум во Турција. Нема да имам многу различни емоции”, рече Лагумџија.
Тој смета дека турската репрезентација направила добри подготовки и дека со добри настапи може без проблем да ги совлада противниците во двомечевите во Скопје.
„БиХ тимот не е комплетен бидејќи неколку играчи се заразени со коронавирусот и нема да бидат во квалификациските мечеви. Северна Македонија е комплетна, но нив ги победувавме. Ако ќе играме добро, мислам дека нема да имаме проблеми”, рече Лагумџија и додаде дека очекува Турција да се пласира на Европското првенство и да оствари впечатлив резултат.
Лагумџија рече дека добро се вклопил и во италијанскиот тим Веро Волеј Монца и дека му се остварил детскиот сон да настапува во Серија А која важи за најсилната одбојкарска лига на светот.
„Во Италија нема голема разлика меѓу екипите и секој може да победи секого. Тешта е лигата, не е лесна. Сакам долгорочно да продолжам да играм во Италија и да остварувам подобри резултати и успеси”, рече Лагумџија.
Со натпреварот помеѓу Македонија и Босна и Херцеговина денеска во Скопје ќе започне квалификацискиот турнир за настап на Европското одбојкарско првенство. Во вторник на распоред е мечот БиХ-Турција, а потоа ќе следуваат реванш мечевите кои ќе бидат завршени со мечот Македонија – Турција, в сабота на 16 јануари.