Излеани реки во кумановско, поплави во повеќе села (ФОТО) – ММС
ММС

Објавено на: 01/10/21 4:56 PM

Излеани реки во кумановско, поплави во повеќе села (ФОТО)

Реките Пчиња и Крива река во кумановскиот регион се во критична состојба и веќе се излеани на неколку места. Во селата Јачинце, Клечовце, Довезенце и Пчиња поплавени се земјоделски површини, викенд куќи, помошни простории.

Пчиња се излеа и на игралиштето во истоименото село.

На терен се екипите на „Водостопанство Кумановско-липковско поле“ и ги отстрануваат паднатите дрвја и гранки кои ги носи реката, со цел да овозможат проток на водата.

– Во моментов има зголемемни врнежи од дожд посебно во Кривопаланечкиот регион и Козјачкиот регион, со што нивото на Крива Река и Пчиња е зголемен на критично ниво. Во моментов имаме излевање на Крива река кај село Ветуница и излевање на Крива Река помеѓу селата Јачинце и Клечовце. Тоа е едно од критичните точки кои во идниот период ќе мора да ги санираме, екипите се на терен во заштита на мостовите односно расчистување на паднатите дрвја кои се во речното корито и доаѓаат до мостовите на реките Пчиња и Крива река и таму се собира голема количина на вода. Нашите екипи работат на терен посоебно во село Драгоманце, Пчиња и село Ветуница. Во идниот пеирод ќе ги санираме овие критични точки, изјави Оливер Илиевски, директор на „Водостопанство Кумановско-липковско поле“.

Браните во липковскиот крај се на добро, завидно ниво, појаснува Илиевски, и вели дека има уште простор за акумулирање на води така што овие дождови нема да направат проблеми.

Од регионалниот центар за управување со кризи информираат дека има излевање и на реките во Старо Нагоричане.

Реките во урбаните средини, Кумановка, Липковка и Којнарка засега се стабилни.

Од Управата за хидрометеоролошки работи велат дека на целата територија на Мкаедонија има континуирани врнежи.

-„Од информациите што ги даваат автоматските станици, се забележуваат доста интензивни врнежи во регионот на Гостивар и околу него. Поради тоа бидете особено внимателни во овие подрачја затоа што постои реална опасност од локални излевања особено кај помалите водотеци. Препорачуваме внимателно движење покрај водотеците и суводолицит“, велат од УХМР.

 

Никола Ивановски