Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун се закани дека Северна Кореја дополнително ќе ги зајакне своите нуклеарни капацитети за да се спротивстави на непријателството на Соединетите Американски Држави (САД), јавува Агенција Анадолија (АА).
Во Пјонгјанг е одржан осмиот конгрес на владејачката Комунистичка партија на Северна Кореја, а новинската агенција КЦНА (KCNA) јавува дека на учесниците им се обратил и лидерот на таа земја, Ким Џонг-ун.
Тој на првиот партиски конгрес по пет години рече дека и понатаму е отворен за дијалог со Вашингтон, но дека Северна Кореја ќе ги јакне своите нуклеарни капацитети за да му се спротивстави на американското непријателство.
„САД и понатаму се главен непријател на Северна Кореја. Во непријателската политика на САД ништо не се менува, без оглед кој доаѓа на власт“, рече Ким.
Ким Џонг-ун призна дека властите на Северна Кореја не успеале да го спроведат планот за економски развој во изминатите пет години.
Истакнувајќи дека Северна Кореја се наоѓа пред невидени и никогаш потешки предизвици, Ким најави нов петгодишен план за економско закрепнување.