Фајзеровата вакцина против коронавирусот и руската вакцина Спутник 5 се целосно безбедни. Она што досега е забележано како најсериозно несакано дејство е алергиската реакција која се јавува еднаш на милион случаи – вели српската докторка, Емина Милошевиќ чија специјалност е имунологијата.
Во изјава за телевизијата Н1 таа говори за безбедноста на вакцините против коронавирусот, бидејќи во светот досега се вакцинирани повеќе од 18,5 милиони луѓе.
„Тие можеби можат да ги убедат и најтврдокорните да се вакцинираат. Единственото решение за излез од оваа ситуација е вакцинацијата“, изјави Милошевиќ и потсети дека над 70 лекари во Србија веќе ја изгубиле битката со вирусот.
Таа апелираше дека треба да се вакцинираат и нејзините колеги, бидејќи алергиската реакција како најсериозно несакано дејство, се случува исклучително ретко.
„Две од сто илјади лица што добиваат ковид-19, завршуваат смртно, додека алергиските реакции (по вакцината) се спречуваат со лекови на самото место. Никој не умрел од нив“, наведе Милошевиќ и додаде дека останатите реакции кои се забележани во однос на вакцината се малаксаност и зголемена телесна температура.
Таа укажува и дека алергијата на храна не е индикација некој да не ја прими вакцината. Индикација за тоа според неа, може да биде исклучиво аергијата на некои состојки што ги содржи вакцината.
Одговарајќи на прашањето дали вакцината во целост ја спречува заразата и колку долго штити од вирусот, Милошевиќ објасни дека некој што се вакцинирал исто така може да се зарази, но сепак констатирано е дека вакцинираните имаат поблага форма на болеста и не завршуваат на респиратор.
Прашана дали децата треба да се вакцинираат, таа истакна дека децата ретко се преносители на вирусот, но и ретко заболуваат, поради што би требало да бидат последна група во редот за имунизација.
Извор: danas.rs