Професорот по економија на УКИМ Скопје, Борче Треновски во емисијата „Стадион” на Радио Канал 77 зборува за економијата во време на пандемијата и промените, поуките, последиците и можноста за брзо закрепнување во периодот на посткорона.
Според Треновски тешкото допрва претстои, затоа што се исцрпени сите резерви и ресурси, економската активност е неизвесно кога ќе се опорави, а задолженоста отиде во опасни граници над 60 проценти, по кои тешко може да се покријат долговите со даноци и тековниот фискален капацитетот што го имаме како држава.
– Доколку се исцрпат другите ресурси, а во услови кога на краток рок ќе биде тешко да се зголеми ефикасноста во управувањето со јавните пари/ да се намали сивата економија, ќе се појави потреба да се посегне и по приходната страна и даноците. Непопуларни и болни се ваквите дополнителни зафаќања од и така ранливата пандемиска економија, меѓутоа корона пандемијата на тој начин ќе го земе својот данок, наречето го ако сакате и корона данок. Истовремено нужно ќе биде и значајно реформирање и реструктуирање на стопанството, но и на образованието кое треба да се прилагоди на новото време, новите технологии и трендови. Поуките кои веќе се наѕираат и ќе бидат потврдени од анализите што се прават и претстојат велат дека пандемијата само го забрза процесот на промени кој ќе доведе до нова структура и потреби на пазарот на труд. Некои профили и професии (индустрии) ќе се засилат, ќе се појавуваат нови, а некои целосно ќе изумрат – вели Треновски.