Лекот ивермектин доаѓа во Македонија за две недели – најави министерот, Венко Филипче. Тој за ова веќе разговарал со директорот на МАЛМЕД и она што се знае е дека лекот ќе се издава на рецепт од страна на матичните лекари и во болнички услови.
„Студиите укажаа дека ивермектинот се дава во три сценарија – кај ризични групи на работници коишто имаат висок ризик да заболат, понатаму луѓе коишто биле во близок контакт со заболен потврден и нормално, кај луѓе коишто се заболени. Кај трите групи на граѓани односно пациенти има различни индикации или различно дозирање. Затоа е важно апликацијата да биде под контрола на лекар. Верувам дека во следните две недели ќе биде достапен во земјава“, изјави Филипче.
Прашан за тоа како генерално ја оценува епидемиолошката ситуација со оглед на тоа дека сме во празничен период, тој оцени дека има тренд на одржување на исклучително мал број хоспитализирани пациенти ширум државата.
„Верувам дека сега за празниците прекршувањето на мерките не беше често, мислам дека сме во стабилна епидемиолошка ситуација и добро се менаџираат симптоматските пациенти, а имаме добро менаџирање и во делот на хоспитализација“, додаде министерот.
Новинарите побараа став од него и за собирот на дел од владините функционери по повод роденденот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
„Мерките важат за сите, ете и тие колеги излегоа јавно и кажаа дека ќе ги платат казните предвидени со санкциите. Мислам дека тоа е одличен знак дека законите важат за сите“, кусо прокоментира Филипче.