Вчера стигна писмо за најава од КОВАКС механизмот дека е можно вакцините преку овој механизам да стигнат на крајот на јануари или почетокот на февруари – штотуку соопшти министерот за здравство, Венко Филипче. Тој информира дека Министерството веќе аплицирало со сите потребни документи со кои треба да ја докаже својата спремност за отпочнување на процесот на вакцинација.
„Се работи за анализа којашто ја правевме со цел евалуација на нашиот систем заедно со СЗО и практично, веќе аплициравме да бидеме во првата група земји коишто би ги примиле вакцините. Спремноста се однесува на чувањето, дистрибуцијата и апликацијата на вакцините. Крајниот рок за апликација е 18 јануари. Според писмото станува збор за фајзеровата вакцина, а следната што доаѓа предвид е на Астра Зенека“, изјави Филипче.
Во однос на тоа колку дози вакцини би можеле всушност да очекуваме, тој рече дека би можеле да очекуваме по 800 илјади дози вакцини врз основа на три механизми.
„Очекува 833 000 дози преку КОВАКС механизмот, 800 илјади дози од вакцината на Фајзер и 800 илјади дози за кои веќе аплициравме и добивме поддршка од канцеларијата на европската делегација кај нас“, појасни министерот.
Новинарите го прашаа и како го коментира барањето на угостителите за продолжување на работното време. Тој истакна дека таквото барање е логично и ќе се разгледува на некој од следните состаноци на Комисијата за заразни болести.
„Ова скратување на работното време ќе важи до 21 јануари кога завршуваат прославите, верските празници и така натаму. По автоматизам ќе се врати до 21 часот, значи што и да важи како олабавување на мерките ќе важи по 21 јануари“, нагласи ресорниот министер.


