Г.г. Стефан: Пандемијата ни докажа колку човекот е немоќен, луѓето заборавија да веруваат во Бога и да ги љубат ближните – ММС
ММС

Објавено на: 01/7/21 12:51 PM

Г.г. Стефан: Пандемијата ни докажа колку човекот е немоќен, луѓето заборавија да веруваат во Бога и да ги љубат ближните

Во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје денеска се одржа утринска божикна литургија по повод големиот христијански празник Рожденството Христово – Божик.
Со литургијата чиноначалствуваше поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија г.г. Стефан во придружба на свештенослужители на МПЦ-ОА.

„Ова е време кога посебно се испитува нашата вера. Животот на народите, и покрај сите постигнувања, станува се потежок и понеизвесен. Живееме во време со многу кризи на економски, политички, социјален, образовен, здравствен, и особено на морален план. Во светот се повеќе има човечки трагедии и страдања, се повеќе царуваат самољубието, бесчувстителноста, жестокоста, лицемерието, зависта, горделивоста, а љубовта е се повеќе заменета со омраза и доброто со зло, а тоа е така бидејќи се помалку го имаме пристапот кон животот, а и на другите не го правиме она што сакаме другите нам да ни го прават. Затоа и не можеме да ја разбереме целта на човековиот живот и неговата смисла, ниту пак можеме да го најдеме патот до спасението, затоа што се оддалечивме од Бога, и едни од други“, порача г.г. Стефан.

Пандемијата, како што истакна, ни докажа колку човекот е немоќен и покрај сета своја самоувереност и сите свои достигнувања и знаења.
„Но, најстрашната пандемија на денешницата е што луѓето заборавија да веруваат во Бога и да ги љубат ближните, а покајанието е најдобриот лек против сите болести на телото и на душата“, кажа поглаварот на МПЦ-ОА.