Министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи следниот четврток, на 14 јануари ќе допатува во Атина и ќе оствари средба со неговиот грчки колега Никос Дендиас, соопшти портпаролот на грчкото МНР Александрос Папајоану на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.
Дендиас и Османи предвидено е да потпишат три меморандуми за соработка: едниот ќе биде за соработка со „Enterprise Greece“, другиот за цивилна заштита и третиот е за соработка на дипломатските академии од Министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и Грција.
Папајоану објасни дека станува збор за меморандуми коишто нема да биде потребно да бидат ратификувани во Парламентот.
По потпишувањето на меморандумите ќе следи и прес конференција во грчкото МНР на шефовите на двете дипломатии.
Османи за време на посетата на Атина, ќе има одделна средба и со алтернативниот шеф на грчката дипломатија Милитиадис Варвициотис, кој е надлежен за европски прашања.
фото-миа