Православните христијани го слават Рождеството Христово – Божиќ – ММС
ММС

Објавено на: 01/7/21 10:32 AM

Православните христијани го слават Рождеството Христово – Божиќ

Православните христијани во земјава денеска го слават Рождеството Христово-Божиќ. Во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се одржуваат божикни литургии. Централното одбележување е во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе богослужи литургија на Св.Василиј Велики.
По повод Божиќ, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан заедно со Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упатија Божикно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога, поздравувајќи ги со величествениот торжествен поздрав – Христос се роди!

Свештените лица испратија и пораки за благодарност до здравствените работници и надеж дека годинава ќе ја победиме подмолната болест.

„Оваа состојба, која целиот свет ја преживува, со пандемијата, ни докажа колку човекот е немоќен, и покрај сета своја самоувереност и покрај сите свои достигнувања и знаења. Народите повторно се соочени со големо страдање и со зголемена смртност. Но, најстрашната пандемија на денешницата е тоа што луѓето заборавија да Го љубат Бога и да ги љубат ближните. А покајанието и поправањето се најдобриот лек против сите болести на телото и на душата“, порача г.г. Стефан.

Нека годината којашто доаѓа биде време на победа над злото и над непријателствата коишто владеат со светот, да биде време благопријатно за изобилни духовни плодови и време во кое ќе заврши страдањето од подмолната болест; нека биде и време на благодарност до здравствените работници, чија саможртва треба да биде за пример.

На сиот наш народ, овде во Татковината и насекаде по светот, им ги честитаме божикните празнувања, поздравувајќи ги со серадосниот поздрав: Христос се роди! Честито и од Бога благословено новото лето Господово!, стои во Божикното послание на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и членовите  на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА.

фото-миа