Пораки за верба и надеж до пациентите и медицинскиот персонал во штипскиот Ковид центар, испратија штипските православни христијани – ММС
ММС

Објавено на: 01/6/21 1:09 PM

Пораки за верба и надеж до пациентите и медицинскиот персонал во штипскиот Ковид центар, испратија штипските православни христијани

„Вечниот Бог слезе и во Дева се всели. Свет, свет, свет си и пресвет Господи…“, ова е само дел од стиховите на песната Вечниот Бог која денеска се слушна во православните храмови. Точно напладне, ритамот на оваа божикна песна го најави Христовото раѓање, кое годинава се чествува во поинакви услови од претходните години, поради актуелната пандемија со коронавирусот.

Поради новите услови, на годинашниов празник изостана и бадниковата поворка, па православните христијани своите желби за здравје, благосостојба и спокој ги преточија на честитки кои изминативе недели ги оставаа во пунктовите распоредени во црквите. Една од нив е и црквата „Свети Никола“ – Штип.

Пунктот беше поставен на празникот „Свети Никола“

Православните христијани, а пред се’ децата, оставија над двесте честитки, кои денеска отидоа во рацете на пожртвуваните медицински работници на инфективното одделение при штипската Клиничка болница.

„Многу граѓани, деца, фамилии, здруженија, установи се вклучија во оваа акција, имавме и поддршка од Брегалничката епархија. Со честитките им изразивме поддршка на пациентите, но и почит кон медицинските работници. Секоја година кога децата ќе тргнат во поворка и ја пеат песната Вечниот бог, на плоштадот  ги чека градоначалникот, но оваа година тоа изостана. Затоа апелиравме до сите да излезат на терасите напладне и да ја запеат песната Вечниот бог, а истата беше пуштена и на разглас“, вели за Македонски медиа сервис, Милена Ристова Михајловска, координатор за Штип од Здружението Бадникови поворки.

Ја прашавме и колку децата се свесни за значењето на овој голем христијански празник, кога се одбележува Христовото раѓање.

„Децата се свесни за значењето на празникот, се радуваат и најголем дел од честитките беа донесени од нив. Тие на овој начин испратија пораки за верба и надеж до сите пациенти, но и до сиот пожртвуван персонал кој се грижи за нив, а се надеваме дека оттаму тоа ќе го сфатат како знак на почит “, додаде Ристова Михајловска која сподели дека на штипското инфективно одделение однеле и бадникови колачиња, месени токму од домаќинките кои се дел од Здружението.

„Бадниковата поворка“ во градот под Исарот се одржуваше изминатите три години кога се вклучија над 250 деца плус возрасни. Годинава манифестацијата е виртуелна, но верниците велат дека и покрај тоа, не е помалку моќна од изминатите години.

 

Вања Мицевска