Традиционално, и овој Бадник, Здружението „Бадникови поворки” со благослов и сесрдна помош на Бигорскиот манастир, објави Божикен спот.
Здружението „Бадникови поворки” денеска соопшти дека и покрај строгите протоколи за работа и отежнати околности што ги создаде пандемија на kовид-19, успеале да остават за навек уште едно музичко дело.
Најголема благодарност упатуваат до Еписокопот Антаниски и Игумен Бигорски Партениј, за неговата безрезервна духовна поддршка за целиот тим, во текот на целиот процес на создавање на делото.
– Видео записот за ново-возобновената Божикна песна (каланда) „Христос се раѓат, на светот радост” е снимен во прекрасните предели на славниот Галичник и во манастирските одаи на Бигорскиот манастир. Оваа музичка творба потекнува од широките балкански простори од времето на Ромејското Царство, Византија и се пеела меѓу мијачкото население, заради што и сегашната верзија е отпеана токму на познатиот мијачки дијалект. Нејзиниот народен мелос, пак, е карактеристичен за нашите простори, како и за богатата традиција која сме ја сочувале како наследници на ромејската култура и духовност – се наведува во соопштението.
Екипата, која го оствари овој потфат во чест и спомен на богатиот творечки дух на Мијаците, на нивната вера и ревносна борба за зачувување на православната вера и традиција и во најтешките времиња, е во состав на Дејан Пројковски (режисер), директор на фотографија Горан Наумовски, монтажа и камера оператор Стојан Стојановски, Кристијана Ангелоска продукција – 2С Студио: Јасмина Колоска, Стојан Стојановски.
Изведбата е на „Љубојна” во соработка со Традицискиот оддел при ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј”, пејачи се Анастасија Илиевска, Матеј Тушевски и Стојанче Костов. Инструменталисти: Благојче Трајковски – кларинет, Тимко Чичаковски – канон, Петар Христов – кларинет и византиска лира, Оливер Настовски – ут, Игор Милевски – виолина, Оливер Јосифовски – византиски контрабас, џумбуш, византиска лаута, перкусии, контрабас.
Снимањето, миксањето и мастерингот се на Студио „Подрумот”, музички инжинер: Ангел Ќосев, аранжман Оливер Јосифовски, а учесници: Љубојна, актер – Мето Јовановски, голем број на музичари и статисти.
Во продолжение, и текстот на песната:
ХРИСТОС СЕ РАЃАТ, НА СВЕТОТ РАДОСТ!
Христос се раѓат – на светот радост,
на светот радост, на сите луѓе.
Четириесет дни и толку ноќи
Дева бдееше, топло молеше.
На крај е дојде време да родит,
та бргу барат баби да дојдет.
Баби да дојдет, миро да носет,
миро да носет, да е послужет.
Дури се најдет, дури да дојдет,
Марија Дева Христа Го роди.
Христа Го роди, Господ на сите,
Господ на сите – в пештера бедна.
В пештера бедна, ширна полјана,
ширна полјана, ко сонце блесна.
Ко сонце блесна, ко сјајна луна,
ко сјајна луна, на светот светлит.
Нек’ светлит така и в’ оваа куќа
и в’ оваа куќа, на сета рода.
На сета рода мир да е дават,
мир да е дават, да множит љубов.
Да множит љубов за добри дела,
за добри дела, за сите ближни.
Христос се раѓат – на светот радост,
на светот радост, на сите луѓе.