Почна расчистувањето на остатоците од пожарот во „Глобал” – ММС
ММС

Објавено на: 01/6/21 10:42 AM

Почна расчистувањето на остатоците од пожарот во „Глобал”

Со специјализирани машини за чистење и возила за подигање на сметот, ЈПКД „Комуналец” утрово почнаа со расчистување на остатоците од големиот пожар во Трговскиот центар „Глобал” во Струмица.

Според директорот на претпријатието, Зоран Горгиев ангажирани се 70 вработени кои работат на подигање на остатоците.

– Се надеваме дека до петок ќе завршиме со чистењето и веднаш потоа треба да почнат работите на санирање и изградба на деловите кои беа зафатени од пожарот, рече Горгиев.

Обвинител од Основното јавно обвинителство во Струмица, инспектори за пожар од Дирекцијата за заштита и спасување и припадници на крим техника при МВР вчера го завршија увидот за причините за пожарот во Трговскиот центар „Глобал” во Струмица.

Во пожарот, кој избувна во саботата навечер во 23:12 часот, опожарена е една третина од Градскиот пазар, повеќе продавници на приземјето и првиот кат, дел од вториот, а урнат е и дел од покривот.

 

Фото:    TV Kanal VIS – Strumica

МИА