Европскиот суд на ревизори деновиве ја оценува ефективноста на ЕУ мерките за поддршка на владеење на правото, барање за пристапување, во земјите од Западен Балкан. Проверката се извршува во четирите земји кандидати за членство во ЕУ – Северна Македонија, Албанија, Црна Гора и Србија, и двете земји потенцијални кандидати – Босна и Херцеговина и Косово.
Целта на ревизијата, која штотуку започна, е да утврди колку ефективни биле мерките за зајакнување на владеењето на правото на Западен Балкан. Особено, ревизорите испитуваат дали поддршката на ЕУ за владеење на правото била соодветно дизајнирана, дали била добро искористена за решавање на клучните идентификувани прашања и дали резултирала со конкретни и одржливи подобрувања, во согласност со стандардите на ЕУ.
Како што се наведува во соопштението од Судот, владеењето на правото е фундаментална европска вредност. Иако ЕУ нема формална дефиниција, под ова генерално се подразбираат шест принципи: едаквост пред законот, правна сигурност, поделба на власта, независни и непристрасни судови, транспаретна и демократска законски процедури и ефентивна судска ревизија. Зајакнувањето на владеењето на правото е суштински поврзано со борбата против корупцијата. Ова е исто тако клучен услов за економски развој.
Во соопштението се наведува дека за да се приклучат на ЕУ, кандидатите мора да ги демонстрираат нивните капацитети за прифаќање на обврските што ги наметнува членството во ЕУ, што е предвидено со Копенхашките критериуми од 1993 година. Првиот од овие критериуми е поврзан со постоење на развиени, стабилни институции што ќе ја гарантираат демократијата, владеење на правото, човековите права и почитување и заштита на етничките заедници. Брзината на пристапните преговори во голема мера зависи од постигнатиот напредок во оваа област.
– Владеењето на правото е предуслов за кој не може да се преговара за членство во ЕУ. Сепак, земјите од Западен Балкан сè уште се соочуваат со прашања во врска со корупцијата и функционирањето на нивните институции, кои го попречуваат нивниот пристап во ЕУ, рече Јухан Партс, член на Европскиот суд за ревизори одговорен за ревизијата.
Според Партс, ревизијата ќе испита дали ЕУ навистина им помага на земјите да постигнат напредок на овие полиња, така што наскоро ќе бидат на пат да влезат во Унијата.
Односите на ЕУ со земјите од Западен Балкан се одвиваат во рамките на познатиот „процес на стабилизација и асоцијација”. Поддршката за владеењето на правото главно се одива преку политички дијалог, како и финансиска и техничка помош за да се помогне во спроведувањето на потребните реформи. За периодот 2014-2020, ЕУ одвои околу 700 милиони евра на Западен Балкан за поддршка на владеењето на правото и фундаменталните права, што претставува 16отсто од билатералната помош на ЕУ за овие земји.