Останува собраниската Комисија за надворешна политика како момент низ кој треба да поминат амбасадорите, бидејќи сепак Собранието има важна надлежност во креирањето и во утврдувањето на надворешната политика. И во тој правец сметаме дека Собранието треба да ја задржи таа улога, меѓутоа како што е и сега, а не како задолжителен елемент во процесот.
Ова денеска на прес-конференција го соопшти министерот за надворешни работи Бујар Османи, одговарајќи на новинарско прашање за улогата на собраниската Комисија за надворешна политика и за тоа дали амбасдорите ќе треба да реферираат таму.
– Иако во моментот, покрај тоа што не е формална обврска, сепак е пракса која се почитува амбасадорите задолжително да поминуваат низ процес на консултација со Комисијата за надворешна политика. Ние сметаме дека е здраво доколку Собранието да продолжи да ја игра таа улога, независно од сегашните предизвици и потешкотии што ги имаме со Комисијата за надворешна политика за која очекувам дека во наредните денови мора да најдеме решение, изјави Османи.
Според него, премногу се одолговлекува прашањето со неиспраќање на амбасадорите.
– Тоа не е сериозно кон нашата држава, не е сериозно кон земјите кои веќе дале агреман повеќе од една година, а ние не можеме да ги испратиме заради тоа што не можеме да се усогласиме овде, односно не можат да стигнат на дневен ред на Комисијата за надворешна политика. Уште еден апел до претседателот на Комисијата да можеме амбасадорите кои се спремни да можат да тргнат уште утре за да ги вршат нивните задачи, бидејќи ова се многу важни времиња каде е потребна координацијата со многу земји во светот, рече Османи.
Тој појасни дека за ова прашање имале дилема и разговарале во неколку форуми и со Кабинетот на претседателот на државата и со Собранието.
Прашан кои се дипломатско-конзуларните преставништва за каде се усогласуваат предлози за амбасадори, Османи посочи дека, меѓу другите, тоа се и во Вашингтон, Софија, Анкара и Каиро.