„Коледе леде“ ги расплака од среќа дечињата-Онколошките пациенти со љубов во хумана акција за јунаците на Детска клиника – ММС
ММС

Објавено на: 01/5/21 2:30 PM

„Коледе леде“ ги расплака од среќа дечињата-Онколошките пациенти со љубов во хумана акција за јунаците на Детска клиника

„Коледе леде“, песната со која музички се одбележува денешниот празничен ден, се слушна претпладнево на Детската клиника во Скопје. Познатите традиционални стихови ги запеа директорката, Аспазија Софијанова и така им посака добредојде на братчињата Кристијан и Јован.

Со полни раце подароци, овие момчиња кои се на возраст од 8 и 5 години, пристигнаа на Детската клиника за да направат убав гест за своите врсници кои престојуваат таму. Дел од нив се борат со истата болест, со која се борела и мајката на овие братчиња, Анета.

Младата скопјанка, Анета Јовановска во октомври 2019. година се соочила со дијагнозата канцер на матка, а нејзините синови кои биле сведоци на борбата против „непоканетиот гостин“ посакале во новата година да влезат хумано и да внесат ведрина во секојдневието не само на детските онколошки пациенти, туку на сите пациенти на Детската клиника.

„Поголемиот син ми рече, мамо сакам лично да им однесам пакетчиња на дечињата таму. Кога слушна неговото братче, секако дека се договоривме да отидеме сите заедно. Дел од пакетчињата ги обезбедивме ние, а другиот дел е од општествено одговорна компанија. Цела вечер со сопругот ги пакувавме подароците, внимававме на деталите, сакавме тоа да биде украсено со новогодишна хартија штом сме на самиот почеток на годината и ете денес имаме полн автомобил со работи кои ќе им користат на храбрите деца“, ни изјави Анета.

Нејзиното поголемо синче, осумгодишниот Кристијан и’ даде подарок на малата Ева, која веќе извесно време престојува на Детската клиника. Таа ги поздрави хуманите гости во друштво на својата мајка.

Денешната донаторска акција всушност, се реализираше на иницијатива на возрасните онколошки пациенти, кои, како што велат од здружението „Љубов сме-Jemi dashuri“ посакале да донираат за своите мали соборци.

„Веруваме дека љубовта е движечка сила и се’ што правиме, правиме од срце. Затоа сакавме да ги изненадиме најмалите онколошки пациенти, па и нивните врсници кои се справуваат со одредена болест. Би сакале да измамиме барем мала насмевка на нивните лица. Нам ни се познати предизвиците кои пред се’ ги носи една болест како што е канцерот, а кога тоа ќе се случи во детските денови навистина растреперува, но даваме максимална поддршка за сите семејства кои се соочуваат со вакво нешто“, истакна за Македонски медиа сервис, Македонка Икономова Давчева, претседателка на здружението „Љубов сме-Jemi dashuri“.

Поради вербата дека љубовта е важен сојузник во процесот на лекување, неслучајно денешната акција ја нарекле „Од срце за малите срца“. Икономова Давчева ни раскажа дека донациите пристигнале од пациенти од сите градови, но сепак одлучиле на Клиниката да и’ ги врачат само неколкумина, со цел да не се создава метеж во овие услови на пандемија.

„Сите пациенти со радост го прифатија предлогот и секој донираше во рамките на своите можности. Исконтактиравме и компании, па на крај едвај успеавме да донесеме се’, бидејќи обезбедивме пакети со сокчиња, води, едукативни материјали, играчки, пелени, но и неколку турбанчиња за дел од децата кои ја изгубиле косата поради хемотерапија“, додаде Македонка за ММС МК.

Директорката, Аспазија Софијанова пак, потенцираше дека многу педијатриски клиники ширум светот функционираат со донации. Според неа, препознавањето на улогата на детето во општеството е социјална одговорност.

„Секако дека сите клиники се важни за здравствениот систем, но детските особено бидејќи најмалите борци имаат посебна општествена улога“, порача Софијанова која од неодамна повторно застана на чело на Клиниката каде во моментот се хоспитализирани околу педесет деца.

Во меѓувреме, таа го пречека и бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов. Тој и неговата сопруга, Билјана исто така донесоа донации за малите јунаци.

„Јас имам 38 години и досега два пати ја имам донирано косата за изработка на перика. Вториот пат кога ја скратив косата ќерка ми имаше девет месеци и не ме позна, малку плачеше, но сепак се навикна. Во секој случај, јас сакав да дадам дел од себе, да помогнам некому“, рече Ангелова.

Инаку, збирното место на кое денеска во претпладневните часови се сретнаа онколошките пациенти беше накитената елка на Клиниката за онкологија.

Токму таму тие пред неколку недели тие оставија лампиони и честитки со кои симболично си посакаа здравје и спокој во годината која од неодамна го пречекори прагот, а во која планираат љубовта да ја споделуваат уште поинтензивно за да ги остварат замислените цели.

 

*Фотографиите се објавени со одобрение од родителите

 

Вања Мицевска