Ноќеска, додека паѓаше првиот снег годинава на Пониква, автомобили возеле по патеката 1, која е најкористена од посетителите на зимскиот центар, при што ја „преорале“ во голем дел. И покрај тоа што ски патеката е оградена, возачите успеале да ја поместат оградата, да се искачат и да остават длабоки траги по делот што се користи за скијање. Концесионерот на патеката изутрината рачно ја порамнил, а дополнета е со нови колични снег за да може патеката денеска да се користи за скијање.
-Несовесни граѓани со автомобили ноќеска возеле на уредената ски патека, со што направена е голема штета. Механизацијата не можеше целосно да ја санира патеката, поради што моравме рачно да прекопуваме. Претпладнето веќе може да се скија и санка, а во функција е и ски лифот, изјави Благој Манев, концесионер на Пониква.
Со тоа, ски центарот на Пониква е целосно ставен во функција на љубителите на зимските спортови и на рекреативците, но останува горчината од несовесното однесување. Патеката сега повотрно е оградена, а упатен е апел до граѓаните да не ги уништуваат ретките ресурси.
Пониква останува единственото место за зимски спортови и рекреација во источниот дел на Македонија. Неодомна беа ставени во функција ски лифтовите. Првиот снег годинава ќе биде доволен за скијање и санкање на стазата 1, која се користи за почетници, додека стазата за брзо скијање ќе почека на повеќе снег.