Ќе се отвори сметка за солидарна помош за санирање на штетите од пожарот во „Глобал” – ММС
ММС

Објавено на: 01/4/21 7:42 PM

Ќе се отвори сметка за солидарна помош за санирање на штетите од пожарот во „Глобал”

Здружението за заштита на правата и интересите на трговците „Фер Есап”, ќе отвори посебна наменска сметка-фонд за солидарност, на која ќе може да се уплаќаат средства за санирање на штетите од пожарот во Трговскиот центар „Глобал”.

Ова е еден од заклучоците на Општинското координативно тело, кое попладнево беше формирано на иницијатива на градоначалникот Коста Јаневски. Во телото членуваат претставници од сите релевантни општински и државни институции и претпријатија, како и претставник на Здружението за заштита на правата и интересите на трговците „Фер Есап”, за справување со последиците од пожарот во Трговскиот центар „Глобал”.

На состанокот е заклучено дека по завршувањето на истражната постапка веднаш ќе се пристапи кон расчистување на опожарениот дел на Трговскиот центар „Глобал”, а преку претставникот на Здружението на трговците дадени се насоки до правните субјекти кои беа зафатени од пожарот да формираат стручна комисија за проценка на штетата согласно единствената методологија за проценка на штети од елементарни и други непогоди.

Покрај тоа, Координативното тело контактирало со сите правни и физички лица кои самоиницијативно се пријавиле за помош, но и со компании кои по проценка на телото ќе можат да помогнат за што побрзо расчистување на остатоците од големиот пожар.

MИА