Никогаш не го потценувај срцето на шампионот. По поразот од Торонто Репторс во финалето на НБА пред две години и низата тешки повреди на Кевин Дурант (подоцна и неговото заминување во Бруклин), Клеј Томпсон, Дрејмонд Грин и Стеф Кари, екипата која ја доминираше најдобрата лига во светот се соочи со тешка сезона и извесен „ребилдинг“. Плановите на Стив Кер не се остварија бидејќи покрај враќањето на терените на најдобриот поединец Кари, Клеј Томпсон ја обнови повредата и ќе отсуствува од паркетите практично во целата 2020/21 кампања.
Двата тешки порази на стартот на новата сезона од Бакси и Нетси, не успеаа да ја размрдаат самодовербата на тимот од Оукленд, а вчерашниот дуел против Портланд претставуваше уште еден доказ дека Вориорси се тука и Вориорси се подготвени да се борат за плејоф.
Неверојатната историска вечер ја обележа, кој друг ако не, Стеф Кари. Голден Стејт победи против Портланд со 137:122, но славата заслужено ја украде лидерот на оваа екипа.
Кари постигна 62 поени и го собори неговиот личен рекорд кој изнесуваше 54 поени против Никси во 2013 година. Триесет и двегодишниот Кари е вториот по возраст кошаркар кој постигнал повеќе од 60 поени на меч, веднаш после Коби Брајант.
-Сакав да го извадам надвор од игра на 30 секунди пред крајот, за да му дадат тие 42-ца на трибина стоечки овации. Го имавме видено Стеф како прави вакви работи низ годините, привилегија е да се биде негов тренер, изјави Стив Кер.
Честитки и воодушевувањеа од фантастичната шутерска вечер против нималку наивниот опонент пристигнаа и од неговиот најдобар пријател и соиграч, Клеј Томпсон, но и од легендата на Лос Анџелес Лејкерс и НБА, Меџик Џонсон.