Телефонскиот повик во Итна помош со кој вчера вечер, во 21.30 часот, таткото на дваесет и тригодишната Симона Панова, побарал помош за сопствената ќерка гласел: „Побрзајте ве молам, таа се породува дома” на медицинската екипа во службата на Здравствен дом Велес веќе и’ го дал првиот сигнал дека токму тие ќе го имаат први во раце, првиот жител или жителка на Велес во новата година.
По пет минути од пријавата, Д-р Марјан Мишев, медицинската сестра Соња Најдовска и возачот Кире Шопов, веќе биле во домот на Симона Панова на улица: „Максим Горки” бр.90 и таму ги затекнала убавата глетка на штотуку родено женско бебе. Додека сестра Најдовска се погрижила околку новороденчето д-р Мишев интервенирал над среќната мајка која се’ уште се жалела на болки.
-Транспортот до велешка болница беше организиран откако на радио врска, на која постојано комунициравме со нашата екипа, добивме проценка од лекарот дека можеме да ги пренесеме. И за нас, како служба за Итна медицинска помош ова е прво искуство со раѓање на прво новороденче во годината во домашни услови. Ги слушавме и мајката и бебето се’ додека ги изнесоа од амбулантното возило пред болницата за да ги предадат на колегите од Гинеколошко акушерското одделение. Тоа е преубаво чувство, рече д-р Васе Поп Стефанова Пановска началничка на Итна помош.
Првата велешанка во 2021 година е тешка 2 кг и 980 грама, а е долга 50 сантиметри.
-Новороденчето е прва рожба на 23-годишната Симона Панова и таткото Љупчо Митров. Родителите се’ уште го немаа избрано името на својата ќерка, рече д-р Елеонора Јованова, портпаролка на Општа Болница Велес.
Велешани првиот жител во новата 2021 година го чекаа три дена. И додека сите очекуваа веста да ја соопшти гинеколошко акушерската служба нестрпливата мала велешанка се роди дома и ги примора вработените од Итна помош да бидат тие што ќе ја соопштат радосната вест.
Според проценките на лекарскиот тим на Гинеколошко акушерското одделение, на јавноста новороденчето ќе може да и’ се покаже дури утре поради претпазливост и мерки за заштита.
Од општината најавија дека најверојатно во текот на утрешниот ден новороденчето и мајката Симона ќе ги посети градоначалникот на Велес Аце Коцевски за да им го предаде чекот вреден 12 илјади денари и останатите подароци. Претходно, подароци за првото бебе во новата година донираа и други донатори.
Убавка Јаневска