И покрај светската пандемија, Македонската филхармонија целосно ја реализираше концертната програма. Од почетокот на новата концертна сезона 2019/2020 година, Филхармонија реализираше уникатни музички настани со врвни солисти и диригенти, симфониски и камерни концерти, кои се одвиваа во големата и малата сала, со програма која претставуваше микс од т.н. класичен, железен репертоар и современите композиции.
Сите настани се одржаа под строги мерки за заштита, со сите протоколи донесени од страна на Владата за одржување настани во културни објекти – велат од оваа институција.
„Поради ситуацијата со коронавирусот, го поделивме оркестарот на два ансамбли, а програмата ја адаптиравме за помали симфониски состави, со цел да се заштитат сите вработени во објектот. Среќна сум што од една страна, на љубителите на музиката и на артистите не им недостигаше сцената, живиот контакт со уметноста, а од друга, што успеавме во ова сурово и депресивно време да се справиме со ‘непријателот’ и да го сочуваме нашето достоинство, да одиме напред со здрав разум секако, не по секоја цена, да им дадеме на луѓето надеж за подобра иднина. Музиката е совршена форма на делување против неубавото. Сите концерти одеа и онлајн, така што ниту оние кои одлучија да не дојдат во сала, можеа да сонуваат и фантазираат гледајќи ги и слушајќи ги нашите уметнички проекти и да се тргнат барем за миг од сивилото што како колектив не обои во тмурни бои”, вели в.д. директорката на Филхармонија, Тина Иванова.
„Она на што сме особено горди е назначувањето на маестро Габриел Бебешелеа за шеф-диригент на оркестарот, со тригодишен договор за работа, што е од огромно значење за квалитативниот развој на нашата институција. Исто така, почитуваниот маестро Конрад ван Алфен од Холандија стана наш почесен гостин диригент. И двајцата, дадоа голем придонес во тоа сите концерти да се одржат со програма адаптирана за ваква ситуација“, вели таа.
Годината се заокружи на 24.12. со традиционалниот Новогодишен концерт овој пат под наслов „Нова година-Нов почеток” со маестро Џијан Емин како диригент, а во соработка со Здружението на џез-музичари на Македонија. Некои од концертите имаа и директен пренос на Националниот канал Македонска радио-телевизија, со што се врати заборавената пракса да биде достапна музичката култура на јавноста и преку медеиумите – велат од Филхармонија.
Оттаму најавуваат уште многу впечатливи настани и во новата концертна сезона. Следен концерт е на 28 јануари со диригентот Борјан Цанев и Ања Коловска на хармоника. На програмата се Концертот за хармоника и оркестар „Аконкагва” од Астор Пјацола, „Песна и танец” од Томе Манчев и „Орава” за гудачки оркестар од Војцек Килар.
Фото: Маја Аргакијева / ФБ – Филхармонија