Уживам кога од гребенот на Водно ја гледам Матка – Со Анке Холштајн, германска амбасадорка за животот во С. Македонија – ММС
ММС

Објавено на: 01/5/21 11:29 AM

Уживам кога од гребенот на Водно ја гледам Матка – Со Анке Холштајн, германска амбасадорка за животот во С. Македонија

Земја со многу природни убавини и богата култура, со особено пријатни луѓе, политички возбудлива, на патот кон Европската Унија, вака ја опишува нашата држава Анке Холштајн, која од јули е новиот амбасадор на Германија во Северна Македонија.  Поради нејзините професионални ангажмани на Балкан, Македонија за неа не е непозната, но сепак, кусото време и пандемијата, како што вели, не и дозволиле да ја запознае  како што треба. Таа за ММС раскажа за тоа колку е тешко да се биде разделен со семејството, за нејзините први впечатоци откако стана амбасадор, за тоа како овие месеци го поминува тука, што мисли за нашата кујна, но и за тоа каков впечаток и оставиле македонските жени.

Дали успеавте за овие неколку месеци да ја запознаете нашата држава?

-Не вистински – поради заштитните мерки од пандемијата не се движев ниту службено ниту приватно многу во земјата. Набљудувањето на изборите сосема на почетокот на мојот мандат беше добра прилика да добијам впечатоци од различни делови на земјата. Со задоволство чекам, веднаш штом развојот на пандемијата тоа ќе го дозволи, вистински да можам да ја запознаам Северна Македонија во нејзината разноликост.

Колку знаевте за Северна Македонија пред да станете амбасадор и што е она што најмногу ви се допадна кога се распрашувавте- каква е државата каде ќе работите?

-Повеќе пати бев активна во регионот – во Сараево, Љубљана и Тирана. Од Албанија често доаѓавме на Охридското езеро, а го посетувавме и Скопје. Секако дека и за време на мојот мандат во Тирана и содржински се бавев подетално со Северна Македонија. Значи знаев што би ме очекувало овде – земја со многу природни убавини и богата култура, со особено пријатни луѓе, политички возбудлива, на патот кон Европската Унија. Кон тоа се вбројуваат и билатералните односи меѓу нашите држави на исклучително високо ниво и голем тим од добри колешки и колеги во Амбасадата.

Си најдовте ли омилено јадење од богатата македонска кујна?

-Не – начелно ја сакам кујната на регионот – со многу свеж зеленчук, со сирење и останати добри производи од локално производство.

Вообичаено за Македонците се вели дека се гостопрлимрив народ,  дали и вие го делите тоа мислење?

-Апсолутно. Од самиот почеток бевме исклучително пријателски прифатени. Ова важи и за моите македонски колешки и колеги од Амбасадата.

Што мислите за македонските жени? Дали доволно се инволвирани во опшеството, односно дали македонската жена добро се снашла во овој машки политички свет?

-Веќе запознав неколку многу импресивни, ангажирани жени – во владата, во различни невладини организации, во нашата Амбасада. Верувам дека сите одлично си ја вршат работата.

Дали ви е тешко што сте разделени од вашите ќерки и колку тие, преку вас, успеаја да ја запознаат Македонија?

-Ова е веќе трета службена должност на која сме без нашите ќерки. Но, и покрај тоа не станува полесно. Се радувавме дека благодарение на добрите авиоврски ќе можеме почесто да се гледаме –  но досега пандемијата ни ги расипа тие планови. Значително избегнуваме патувања, сѐ додека состојбата повторно не се нормализира.

Колку вашиот сопруг се навикна на животот тука?

-Тешко е сред пандемија да пристигнете на нова служба, речиси и да нема социјален живот. И тој како и јас се радува повторно да биде „назад“ во овој регион, кој на двајцата ни лежи на срце.

Како го поминувате вашето слободно време? Имавте ли можности да си најдете омилено место во државава?

-Со задоволство сум во природа. Мојата голема страст е планинско трчање, тука сум на вистинското место, од вратата на куќата после само стотина метри сум веќе среде природа. За викенд често трчам на Водно и потоа до крајот на гребенот, од каде може надолу да се види кањонот Матка. Тоа е место што многу го сакам.  За жал гасоводот оставил длабока грозна лузна на Водно.

Годинава прв Божиќ и Нова Година ги дочекавте во Северна Македонија? Како ги поминавте празниците?

-Сосема мирно – согласно одредбите за сузбивање на пандемијата. Во 2020 не се славеше. Тоа мора да чека.

Нова Година, нова надеж, нови желби.. Што посакавте за новата 2021 година и што е она што сакате да го заборавите за 2020 година?

-Како и сите, си посакувам човештвото да ја совлада пандемијата и некогаш да можеме повторно да го правиме сето она што порано сме го сметале за нормално. Некои нешта засекогаш ќе се променат. Со радост чекам да создадам повеќе контакти и да запознаам повеќе луѓе во земјата, а и да посетам и други градови– сево ова мораше да изостане во 2020 г. поради пандемијата. Сметам дека е многу штета што не можевме да ја прославиме 30 годишнината од нашето германско обединување со нашите македонски партнери – ќе надоместиме во 2021 година! Радо би заборавила дека за време на германското претседателство со Советот, и покрај сиот ангажман, не успеавме сите земји-членки на ЕУ да дадат согласност за предусловите за отворање на пристапните преговори со Македонија. Но, без грижа, продолжуваме понатаму и ќе помогнеме, за во 2021 конечно да започнат!