Во време на пандемија и на сè поголема социјална затвореност, сè поголем број граѓани на Велес се зачленуваат и позајмуваат книги во локалната библиотека „Гоце Делчев”.
Интересен е податокот дека последниве месеци многумина од читателите со едно одење во библиотеката позајмуваат одеднаш по три-четири книги, за да имаат што да читаат во овие долги денови и ноќи кога најчесто се дома, информира за МИА, Гордана Васковска, в. д. директорка на оваа локална установа од областа на културата.
Годинава во велешката библиотека има 5014 читатели, од кои поголем дел или 2838 се во одделот за возрасни и 2176 во одделот за деца. Споредено со 2018 година, кога биле вкупно 4339, е повеќе за 675 читатели.
– Се чита сè, но најмногу трилери, како и романтични и психолошки романи. За љубителите на трилери, приказни со многу моќни пресврти, кои овозможуваат возбуда, неизвесност, сомнеж до последната страница. Приказни за љубовта, страста, предавството, мистерии од нашите постари книги, но и од најновите изданија, кои библиотеката ги набави годинава од повеќе реномирани издавачки куќи – информира Васковска.
Таа посочува дека од најновите книги набавени годинава според евиденцијата на библиотеката најчитани се од ИК „Матица македонска”: „Сестрата на сонцето” – Лусинда Рајли, „Часови по заборав” – Нермин Јилдирим, „Белата хризантема” – Мери Лин Бракт, „Крадачка на книги” – Маркус Зусак. Од ИК „Сакам книги”: „Тајната на Алексови” – Наде Стоилковиќ, „Сите цвеќиња во Париз” – Сара Џио, „Без каење” – Колин Хувер, „Сурова љубов” – Колин Хувер. Од Издавачки центар „Три”: „Вие сте вашите уверувања” – Смиљан Мори, „10 минути и 38 секунди во овој чуден свет” – Елих Шафак, „Разбудете го џинот во себе” – Ентони Робинс. Од „Култура”: „Сестрите Романови” – Хелен Рапапорт, „Жената во белото кимоно” – Ана Џонс, „Ти подарувам ѕвезди” – Џоџо Мојес. На „Топер”: „Дневникот на едно смотано девојче 7,8,9,10 книга – детски, „Тајниот живот на писателите”-Гијом Мисо…
Васковска информира дека библиотеката годинава набавила 209 наслови и вкупно 873 различни книги за возрасни и деца. Од 209 набавени наслови, најголем дел, 172 наслови се за возрасните и 37 за децата, претежно лектира, но и други книги наменети за деца и млади. За децата, односно за учениците збогатени се изданијата за школска лектира, а има и други интересни книги од сите области – информира Васковска.
– Децата се нашето најголемо богатство, нашата иднина, во која ние возрасните вложуваме и затоа книгите од разни области се многу важни за нивно учење и напредување во сите области, потенцира Васковска.
Набавени се книги од сите жанрови: психолошки, трилери, романтични, историски. За љубителите на трилери, приказни со многу моќни пресврти, кои овозможуваат возбуда, неизвесност, сомнеж до последната страница.
Библиотеката, освен читателска, има и други важни функции, меѓу кои како посебно важно е афирмацијата на националниот и културен идентитет.
Читателите задоволни од изборот на книгите
Соња Петрова, вработена во фабрика, долгогогодишна читателка на локалната библиотека „Гоце Делчев”, за МИА вели дека е задоволна со книгите со кои располага библиотеката и затоа што секоја година набавуваат најнови наслови од домашни автори и светски бетселери.
– Редовно одам и земам книги, па во овие денови на пандемија на корона, книгата ми е и единствена разонода затоа што нема културни настани. Најчесто земам по две-три книги, а можам да ги пофалам дека изборот е одличен и за сечиј вкус, оценува Петрова.
Славко Николовски е професор во пензија и вели дека редовно зема книги.
– Има и историски романи и бетселери и ги задоволува моите потреби како читател. Задоволен сум што секоја година набавуваат нови наслови од домашните и од светските автори, кои секогаш се интересни за читање. Книгата ми е другар во овие тешки денови и месеци на пандемијата на корона, кога најчесто седиме дома и ретко излегуваме – потенцира Николовски.
Инаку велешката локална библиотека „Гоце Делчев” е најстара во земјава. Има богат библиотичен фонд од 100 илјади книги од сите жанрови. Меѓу книгите има и 200 многу стари и ретки книги, од кои најстарата е од 1773 година.
МИА