Кривични пријави за напаѓачот на сопственикот на кафе-бар во Дебар и помагачите во делото – ММС
ММС

Објавено на: 01/2/21 2:06 PM

Кривични пријави за напаѓачот на сопственикот на кафе-бар во Дебар и помагачите во делото

Три лица еден косовски и двајца македонски државјани заработија кривични пријави под сомнение за убиство во обид и помагање на сторителот, за инцидентот што на 30 декември се случи во кафе бар во строгиот центар на градот.

– Одделението за внатрешни работи во Дебар поднесе кривична пријава против В.К. (48), државјанин на Косово, поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „убиство во обид” како и против А.С.(40) од Дебар и У.Д.(69) од тетовското село Јажинце, за „помагање на сторител по извршено кривично дело”, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.

Додава дека на 30 декември 2020 во 9.45 часот, првопријавениот, влегол во угостителски објект на улицата „Братство Единство” во Дебар и со остар предмет го нападнал Б.П.(48) од Дебар, а потоа избегал со возило обезбедено од второ и третопријавениот.

Истиот ден во 17.30 часот на граничниот премин „Јажинце”, по извршена проверка, во врска со сторено кривично дело „убиство во обид” по член 123 во врска со член 19 од Кривичниот законик од слобода беа лишени А.С.(40) од Дебар, со место на живеење во Република Косово и У.Д.(69) од с. Јажинце, тетовско.

На сопственикот на кафе барот, Б.П. како што потврдија од Општата болница со проширена дејност му биле нанесени убодни рани со нож и тоа убодна отворена рана на вратот од левата страна, убодна рана на десната страна на градниот кош и помала исеченица на десната рака.

По дадената прва медицинска помош повредениот беше транспортиран во Клинички центар во Скопје тој се чувствува добро.

MИА