Од денеска, па во наредните шест месеци со ЕУ ќе претстедава Португалија, чии приоритети во претседавањето ќе бидат насочени кон економско и социјално заздравување на блокот од последиците на здравствената криза предизвикани од пандемијата со Ковид-19.
Како што најавија властите во Лисабон, покрај ова, меѓу приоритетите на португалското претседавање ќе бидат и прашањата поврзани со здравјето и безбедноста при работа, спроведувањето на Европскиот столб за социјални права и дискусиите околу минималната плата, за што е предвидено да се дебатира и на посебен Социјален самит на ЕУ, планиран во мај годинава.
– Португалија е целосно свесна за посебните предизвици во преземањето на претседателството на Советот на ЕУ во време на пандемијата со Ковид-19. Иако се големи надежите дека ќе бидат можни повеќе тет-а-тет средби, треба да се води сметка за здравјето и безбедноста, па се предвидуваат и голем број онлајн настани и состаноци, посочуваат од португалското претседателство.
На политичко ниво трите главни теми на кои ќе се посвети португалското претседателство ќе бидат одговор на економската криза и на нејзиниото социјално влијание преку зајакнување на Европскиот столб за социјални права и спроведување на здравствена политика, базирана на искуствата од ковид-кризата.
– Генерално, под мотото „Време за испорака: фер, зелено и дигитално заздравување”, Португалија се надева дека ќе придонесе за еластична, социјална, глобална, дигитална и зелена Европа. На крај, но не и најмалку важно, високо на агендата на Португалија, ќе биде и одржување на Конференција за иднината на Европа, бидејќи Европската Унија треба да ја приближиме на граѓаните, порачуваат од португалското претседателство.
Португалската министерката за европски работи Ана Паула Закаријас во интервју кон крајот на ноември минатата година посочи дека главните заложби на претседавањето на Португалија со Унијата ќе бидат социјалните политики и односите меѓу ЕУ и Индија.
– Поотпорна Европа е еден од нашите приоритети, но треба да ја градиме на три столба: одржливост, иновација и благосостојба на граѓаните, изјави Закаријас.
Предвидено е Португалија да се посвети и на т.н. „дигитална демократија”, поставување на еколошки и дигитални цели, реформа на миграциската политика, а за на почетокот на годинава се превидува и претставување на амбициозен Акциски план за обезбедување еднакви можности на пазарот на трудот и фер услови за работа со цел „да се спречи претворање на економската и здравствената криза во социјална”.
– Треба да ги гледаме луѓето и социјалната агенда. Треба да ја вратиме довербата на граѓаните, да го зачуваме чувството за благосостојба преку капацитетите на заедничко работење, да имаме одреден идентитет и да изградиме европско граѓанство, изјави Закаријас, додавајќи дека овие теми ќе бидат на агендата на Конференцијата за иднината на Европа.
На надворешен план португалското претседателство ќе се посвети на ревитализација на трансатлантските односи со новата американска Администрација на претседателот Џо Бајден и ќе работи на постигнување договор за слободна трговија со Индија и на регулирање на односите со Велика Британија по Брегзит, на зајакнувње на врските на блокот со земјите од Јужна Америка, како и на организирање самити ЕУ-Индија и ЕУ-Африканска Унија.
Во достапните документи за португалското претседателство не се споменува дека темата за проширувањето на ЕУ ќе биде меѓу неговите приоритети. Од таму, можеби и не зачудува што австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг при минатомечната посета на Лисабон, апелираше проширувањето на Унијата кон Западниот Балкан да се најде на агендата на претседавањето на Португалија со ЕУ.
Шаленберг во Лисабон изрази жалење што разговорите за членство со Северна Македонија и Албанија не започнаа за време на германското претседателство со ЕУ, во текот на втората половина на 2020 година, нагласувајќи дека е штета што останатите членки на ЕУ не успеале да ја убедат Бугарија да се откаже од блокадата на европскиот пат земјава.
Дека проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан нема да се најде меѓу приоритетите Португалија, можеше да се насети и од изјавата на европратеникот и известувач на Европскиот парламенет за земјава, Илхан Ќучук, кој во интервју за Бугарското национално радио (БНР) на почетокот на декември оцени дека Скопје и Софија треба да се вратат на преговарачката маса, на темелите на Договорот за добрососедство и на концептот на „заедничкото”, нагласувајќи дека „пореална опција” е да се направи „добра подготовка во следните шест месеци” во очекување на словенечкото претседателство со ЕУ, кое ќе следи по португалското.
Очигледно е дека во Португалија, земјава, па и целиот Западен Балкан, нема да има толку силен поддржувач на процесот на проширување на ЕУ, како што тоа беше случај со претходниот претседавач Германија, која и покрај ковид-кризата и внатрешните спорови во Унијата околу Буџетот и преговорите за идните односи со Лондон, до крај правеше обиди да се постигне компромис за одржување на првите меѓувледини конференции со земјава и Албанија во текот на нејзиното претседавање. Ставот на Германија, чие претседавање беше под мотото „Да ја направиме цела Европа повторно силна”, беше дека интегрирањето на Западен Балкан во ЕУ е вин-вин ситуација, од која бенефит ќе имаат двете страни и затоа сите треба да работат на тоа.
Сепак, прашањето за проширувањето може да се најде на повисоко скалило на агендата на португалското претседавање, имајќи предвид дека на ЕУ и остана „незавршена домашна задача” за старт на преговорите со Северна Македонија и Албанија, кој беше блокиран од страна на Бугарија.